Москалкова: Навални не е во животно загрозувачка состојба

Алексеј Навални не е во животно загрзувачка состојба по штрајкот со глад, изјави денеска руската комесарка за човекови права, Татјана Москалкова, пренесоа руските медиуми.

Москалкова во интервју кажа дека Навални досега е „прегледан неколку пати од лекари надвор од рускиот здравствен и затворски систем“, додавајќи дека лекарите се од различни специјалности и дека нивните извештаи „влеваат доверба“ за реалната состојба на Навални.

Коментирајќи го неговиот штрајк со глад и опасноста од завршување на животот, што можеше да следи, Москалкова кажа дека „штрајкот со глад секогаш бара набљудување“ и дека, колку што таа знае, проверките се вршат редовно.

Здравствената состојба на Навални е контроверзна тема во Русија, а неговите адвокати тврдат дека тој не добивал соодветна медицинска нега.

Многу земји, вклучувајќи ги Велика Британија и САД, побараа негово ослободување поради здравствени проблеми.

Да потсетиме, 44-годишниот лидер на опозицијата во јанаури беше приведен на аеродромот Шереметјево во Москва, веднаш по излегувањето од авионот од Германија, каде што се лекуваше пет месеци од труење со нервниот агнес „Новичок“, веројатно по наредба на руските власти.

Потоа, руски суд го осуди на две години и 8 месеци затвор за кршење на условната казна од 2014 година. Пред седум години, Навални доби условна казна затвор од три години и 6 месеци, но рокот за извршување на затворската казна му беше намален бидејќи опозиционерот беше во домашен притвор речиси една година.

Навални затворската казна ја издржува во работна колонија, на околу 100 километри источно од Москва.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e