„Фајненшл тајмс“: Србија го добива најголемиот рудник за литиум во Европа

Српскиот претседател Александар Вучиќ се подготвува да ѝ даде зелено светло на британско-австралиската компанија „Рио Тинто“ за развој на најголемиот рудник за литиум во Европа две години откако Белград се откажа од проектот, објави „Фајненшл тајмс“ (ФТ).

Вучиќ изјави за ФТ дека новите гаранции од глобалниот рударски гигант и од Европската Унија изгледа одговориле на загриженоста на Србија за тоа дали ќе бидат исполнети потребните еколошки стандарди на наоѓалиштето Јадар на западот од земјата.

„Веруваме дека проектот за Јадар има потенцијал да биде средство од светска класа, што може да дејствува како катализатор за развој на синџирот на електрични возила во Србија“, изјавија од компанијата „Рио Тинто“ за „Ројтерс“.

Литиумот, кој се смета за критичен материјал во ЕУ и во САД, се користи во батериите за електрични возила и мобилни уреди.

„Ако исполниме сè, рудникот би можел да биде отворен во 2028 година“, изјави Вучиќ за ФТ додавајќи дека се очекува рудникот да произведува 58.000 тони литиум годишно. „Тоа би било доволно за 17 отсто од производството на електрични возила во Европа, приближно 1,1 милион автомобили“, рече претседателот на Србија.

Во 2022 година Белград ги откажа лиценците за проектот „Јадар“, вреден 2,4 милијарди долари, по големите еколошки протести. Доколку биде завршен, проектот би можел да задоволи 90 отсто од тековните европски потреби за литиум и да помогне компанијата да стане водечки производител на литиум.

Во текот на 2021 и 2022 година српските екологисти собраа 30.000 потписи на петиција, со која се бараше парламентот да усвои закон за запирање на истражувањето на литиум во земјата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e