Европската унија би можела да воведе строга регулатива за криптовалутите

Поранешниот премиер на Летонија и денес европски комесар за финансии, Валдис Домбровскис, е избран да служи како заменик претседател на ЕК за следните пет години, а треба да биде потврден од страна на Европскиот парламент следниот месец. Така, тој ќе стане првиот „финансиер“ на Европската унија, па неговите зборови за новата функција, се следат со големо внимание кога ќе се слушнат. Денес, Домбровскис зборуваше и за криптовалутите и за нивната можна построга регулатива во рамките на ЕУ.

За последните пет години, овој политичар не се осврна на прашањето и одбиваше да воведе дополнителна регулатива што би наметнала надзор на пазарот за криптовалути, но сега тој очигледно се предомислил. Според него, сите криптовалути, почнувајќи од најавената Либра на Фејсбук, во иднина треба да бидат опфатени со новото законодавство.

Правила за Либра и останатите

„На Европа и треба заеднички пристап кон криптовалутите како што е Либра. Имам намера да предложам нови законодавни решенија во овој поглед“, рече Домбровскис за време на неговото сослушување.

Задача на Европската унија, кога станува збор за регулирање на криптовалутите според него е да се справат со прашања како што е нелојалната конкуренција и сајбер безбедноста и да се спречат заканите за финансиска стабилност и перење пари преку виртуелни валути.

Оваа изјава можеби е мотивирана од неодамнешните постапки и изјави на министрите за финансии на Германија и Франција, кои се залагаа за строга регулација на паралелниот финансиски систем што Фејсбук планира да го започне, па дури и забраната за Либра во форма во која беше објавена.

Глобалните планови на Фејсбук за лансирање на сосема поинаков и независен дигитален систем на плаќање би можеле на тој начин да ги предизвикаат тековните погледи на европските политичари на целиот пазар на криптовалути.

Либра, според Домбровскис, носи со себе ризици за финансиска стабилност, затоа што во исто време ќе стане достапна за милиони луѓе, т.е. до сите корисници на Фејсбук ширум Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e