Девет лица загинаа, а 325 се повредени во силниот земјотрес кој утрово ја погоди Албанија

Најмалку девет лица загинаа, а 325 се повредени во силниот земјотрес со јачина од 6,4 степени по Рихтеровата скала, кој утрово ја погоди Албанија.

Земјотресот предизвика голема материјална штета, но и паника меѓу жителите на Тирана. Според извештаи на албанските медиуми во земјотресот загинале девет лица, додека според ТиранаПост животот го загубиле најмалку седум лица, меѓу кои и едно десетгодишно девојче, кое останало затрупано под урнатините.

Епицентар на потресот е лоциран меѓу Драч и Тирана, на длабочина од десетина километри. По силниот земјотрес, следуваа уште неколку потреси, од кои последниот, со интензитет од 5,4 степени беше евидентиран во 7.10 часот.

Во тек се спасувачки операции, во обид да се извлечат затрупаните од под урнатините. Покрај другите структури во справување со ситуацијата вклучени се и над илјада припадници на полицијата, како и пожарникарските служби и војската.

Соседно Косово соопшти дека е испратен тим за итни ситуации, кој ќе помогне во спасувачките акции, додека ЕУ и САД веднаш понудија итна поддршка.

„Европската Унија и стои на располагање на Албанија по земјотресот кој ја погоди земјата рано изутринава“, соопштија службите за надворешни работи на ЕУ. „ЕУ е солидарна со Албанија и подготвена да понуди асистенција, вклучително преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Нашиот центар за координација на итната помош е во постојан контакт со властите за цивилна заштита на Албанија“, информираат од прес службата.

Албанскиот премиер Еди Рама, на својот профил на Твитер објави дека Црна Гора и Србија испратиле свои спасувачки тимови во Албанија.

– Црногорскиот премиер (Душко) Марковиќ ми кажа дека специјален тим за евакуација на повредените е на пат кон Албанија, додека друг спасувачки тим тргна од Србија – ми кажа претседателот (Александар) Вучиќ, напиша Рама.

Албанското Министерство за спорт, образование и млади информираше дека е откажана наставата во училиштата во Тирана, Драч и Лежи.

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e