Ципрас: Оспорувањето на Лозанскиот договор е опасно за грчко-турските односи

Оспорувањето на Лозанскиот договор може да ги загрози грчко-турските врски, му одговори грчкиот премиер Алексис Ципрас на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на изјавата дека било грешка што Турција ги предала островите во Егејско море на Грција.

– Оспрувањето на Лозанскиот договор кој јасно ги одредува грчко-турските врски, статусот на Егејското море и островите е опасно и за врските меѓу двете наши држави, но и за поширокиот регион. Независно од вистинските причини кои ги предизвикаа овие изјави со кои се оспорува меѓународното право, Грција нема да го следи овој пат. Ќе продолжиме да ја зајакнувме со одлучност и конзистентност улогата на Грција како столб на стабилноста и мирот во еден нестабилен регион – истакна Ципрас во говорот на владиниот совет за надворешна политика и одбрана.

Дипломатски извори во Грција оценуваат дека изјавите на Ердоган можно е да се само за внатрешна употреба во Турција со цел да се засили неговата позиција по обидот за воен удар. Министерот за одбрана Панос Каменос му порача на Ердоган да не се движи во оваа опасна насока.

Говорот на Ердоган предизвика голема вознемиреност во Грција и загриженост да не дојде до нови тензии во односите меѓу двете страни. Ова е втор момент, по барањата на турските војници, кои се товарат за учество во воениот удар против Ердоган, за азил во Грција кој предизвикува потрес во грчко-турските врски. Оценките во Атина се дека Ердоган по обидот за воен удар станува непредидлив и под знак прашалник е дали е можно да направи некој чекор кој би ги загрозил билатералните односи, или, пак, би извршил притисок преку зголемување на бегалскиот бран кон Грција за да изврши притисок до Брисел да се исполнат договорените обврски како визна либерализација за турските граѓани.

На изјавите на Ердоган реагираше и опозициската Нова демократија. Екс-шефицата на грчката дипломатија и одговорна за надворешна политика во Нова демократија, Дора Бакојани оценува дека изјавите само дополнително ја обременуваат тешката клима меѓу Грција и Турција и бара од грчкото МНР веднаш да реагира, бидејќи било какво ставање под знак прашалник на договорите и условите врз кои се засновани грчко-турските врски може да креира идни проблеми.

Извор: Мета

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e