Трпението на мнозинството истекува, на потег е ВМРО-ДПМНЕ

Ако денеска не се деблокираат процесите за избор на ДИК, владејачкото мнозинство повеќе нема да чека на „конструктивноста“ на опозицијата.

Доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ во текот на денешниот ден не ги поднесе официјално утврдените предлози за нејзини членови на ДИК и ако не се повлече од непринципиелни условувања, од владејачкото мнозинство велат дека ќе ги преземат сите обврски за претстојните процеси, а опозицијата ќе треба да си ја преземе одговорноста што го блокира правото на граѓаните за плебисцитарно изјаснување околу насоката во која сакаат да се движи Македонија.

Со цел да се деблокира изборот на нов состав на ДИК, премиерот Заев ги прифати барањата на ВМРО-ДПМНЕ за законски измени кои ќе овозможат пред секои избори да функционира техничка влада според пржинскиот модел, и донесување нов закон за финансирање на партиите. Но, не ги доби побараните гаранции дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повика граѓаните да излезат на референдум, со цел да се обезбеди успешен плебисцитарен процес. Иако законот за финансирање на партиите претходно беше договорен и усогласен во работните групи, постигнатиот договор заврши во слепа улица, откако завчеравечер опозициската партија побарала да се избрише членот 165-а од Кривичниот законик, кој се однесува на делото „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“.  Ваквото барање би водело кон амнестија на највисоките поранешни партиски функционери обвинети за ова дело (Груевски, Протоѓер, Јанакиески, Јанкулоска, Божиновски и уште 15- тина други од предметот „Титаник“), а за кое најмалата затворска казна е 5 години.

Втор обид за амнестија, дали и последен?

Ова е втор обид на опозицијата да го услови изборот на ДИК, откако претходно побара измена на членот 353 од Кривичниот законик за делата „злоупотреба на службената положба и овластување“, со што лица опфатени во дури 11 предмети на СЈО би биле автоматски амнестирани.

„И Македонија, и референдумското изјаснување, се заложници на барање за амнестија и зачувување на личниот интерес“, вели министерот Дамјан Манчевски, кој учествува во работната група што со опозицијата ги усогласува законските проекти.

Костадин Костадинов, пратеник на СДСМ во Собранието, обвини дека „заради амнестија на криминалот, Мицкоски се обидува да ја турне Македонија во изолација и неизвесност“.„Иако ВМРО-ДПМНЕ со години се залагаше за референдум, Мицкоски бесрамно го услови Договорот и идниот референдум со амнестија на криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Колку и да се трудат, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да ја закочат македонската иднина. Ќе победи волјата на граѓаните. Ќе има ДИК, ќе има и референдум, амнестија на криминалот нема да има“, порача Костадиновски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ги имаат утврдено нивните предлози за ДИК, но ќе чекаат прво да се изгласаат измените во Изборниот законик и Законот за финансирање на политичките партии. Оттаму не признаваат дека изборот на Комисијата се условува со бришење на членови од Кривичниот законик кои може да обезбедат амнестија на нивни сопартијци.

„СДСМ се фатени во криминал и затоа пратеникот Костадин Костадинов на панични прес- конференции кажува лаги и манипулации“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Потребни се реформи и економски прогрес, а не распродажба на македонската историја, традиција и култура. Заробениот правен систем ја држи Република Македонија надвор од евроатланските структури, кои не ги покрива ниту предавството на националните интереси“, порача опозициската партија.

Дали сте за амнестија на ограбувачите?

Но, ваквите ставови не поминуваат ни кај нивните сопартијци. Од „ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фракција“ велат дека се видело вистинското лице и улога на преговарачите на ДПМНЕ, и дека е последен момент наметнатиот лидер Мицковски да поднесе оставка, а партијата да свика вонреден партиски Конгрес.

„Итно е потребно Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, како највисок партиски орган, да донесе Когресна одлука со која ќе се определи дали ВМРО ДПМНЕ и понатаму ќе функционира како злосторничко криминално здружение за интересите на соборениот диктатор Груевски и неговата криминална ‘фамилија’, или во иднина ќе дејствува како современа демократска и патриотска политичка партија“, реагираат од Демократската фракција.

Од таму потенцираат дека ВМРО-ДПМНЕ е против општество во кое „владее егоизмот на интереси“ и побараа „Мицковски да престане да купува време, да одработува за туѓи криминални интереси и да ја срами партијата, и итно да поднесе оставка!“

Имајќи ги предвид сѐ почестите барања на ВМРО-ДПМНЕ за измена или укинување на членови од Кривичниот законик, со кои партијата се залага за (ин)директна амнестија и со неа го условува изборот на ДИК и рефрендумот, лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, предлага решение што ќе ги деболокира процесите.

„За да успее претстојниот референдум поврзан со интеграциите во НАТО и ЕУ, предлагам да се прифати предлогот на опозицијата за амнестија на криминалот, со ново дополнително референдумско прашање: ‘Дали сте за амнестија на функционерите кои ја ограбија Македонија?’ Со вакво прашање се гарантира и излезност и успешност на референдумот“, иронизира Трајанов, додавајќи дека „во Македонија криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое мора да се справиме“.

Извор: Дојче Веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e