Стајковци – Ласкарци

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Горан Михајловски за СДК:

Научивме ли некоја нова лекција од последната трагедија? Или ќе продолжиме да си се жалиме на несигурните патишта, кучињата, коњите и кравите на автопатиштата, зараснатите банкини, старите автобуси, подмитливоста во станиците за контрола, неопремени инспекции, преморени возачи…

Триесет години се пишува за неорганизираниот систем за спасување, за неефикасноста на итната помош, за необучениот и неплатен кадар… Само ден пред несреќата беше објавено дека просечна старост на противпожарните возила е 27 години. Дека најстарото возило има 39 години. Да не збориме дека и тие поновите се добиени со странски донации. Исто како што се донации и амбулантните возила.

Во болницата „8 Септември“, каде што беа примени речиси сите повредени патници, има нов Траума центар кој свечено го отвараше премиерот уште пред шест месеци. Што фајде, кога до несреќата не работеше оти фалат анестезиолози и медицински сестри. Го проработеа ноќта, „од немајкаде“ и „на ура“, оти немаше каде да ги легнат повредените.

И, до каде сме со лекцииве од животот? Каква лекција научивме од последната трагедија? И како тоа што сме го научиле ќе ни го подобри системот? Секоја нова научена лекција би требало да значи спасени животи.

Несреќи се случуваат.
И природни катастрофи.

Тоа не можеш да го предвидиш. Ама, ефикасноста на една држава се мери со тоа како системот реагира кога ќе има несреќа. И како се справува со последиците од несреќата. А за да се справи, мора да има квалитетна истрага со идентификување на одговорност. Одговорност – не за линчување. Туку за да се спречи повторување на истата грешка. Се сеќава ли некој дали има завршница на истрагите за сите поголеми трагедии што ни се случиле само последниве пет-шест години? Две хеликоптерски несреќи имавме. Патници се удавија од летно невреме на автопат.

И? Што сме научиле до сега? Еве, на пример, што се смени од Стајковци 2016 до Ласкарци 2019?

Koлумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e