Себичен ген

Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:

Сѐ уште не можам точно да разберам што значи консензуален кандидат за претседател во терминологијата на ДУИ. Придавката недвосмислено укажува дека се работи за договорена, заемно прифатлива личност за коалициските партнери, а како што потенцираше Заев, пред сѐ, прифатлива за граѓаните. За некоја личност да биде прифатлива, значи дека таа со нејзиниот општествен, професионален или политички хабитус ги рефлектира вредностите за кои се залагаат граѓаните и коалициските партнери.

И до овде е сѐ јасно. Но, кога ги слушам посакуваните имиња за кандидати што флуктуираат во таборот на ДУИ, произлегува дека консензуалноста имплицира нешто друго – личноста да има „албанска жичка“ или барем обемен минат труд во креирањето на Охридскиот договор.

Ако некој е добар и прифатлив кадар за претседател, што е важно на кој етникум му припаѓа и дали е 100 отсто Албанец или само со албанска жичка? Прашањето е дали избираме високоморални и кредибилни личности и вредности, или инсталираме панаѓур на етнички суети.

ДУИ во последниот период агресивно почна да го промовира ова второто. Ја претвора оваа предкандидатска фаза во некаков етнички гранап, каде што партиски водич ќе ги посочува етничките трофеи наредени на полица: Еве, имаме 100 отсто Албанец претседател на Собранието, ова е Законот за употреба на јазиците, ова се двојазичните табли, ова е првиот конкурс за нови преведувачи, ова е идејата за претседателски кандидат барем со 37, 69 отсто илирски гени, а дај Боже да има и повеќе…

Разбирам дека партиите сега водат битки за рејтинг и гласови, но со ваков примитивизам може да го изгубат и едното и другото. Ако сакаат прифатлив кандидат, јавно нека објаснат кои се критериумите за таквата прифатливост. Ова другото со жички, гени и корени е навреда за јавната дебата и за целите кон кои се стреми општеството. Видовме до каде нѐ вратија таквите прикаски проверувани во оној славен швајцарски институт за генетика, ИГЕНЕА.

Целата колумна на Призма на слендиот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e