Сарајска платформа

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДK:

-Си постојат во една држава министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и градонаначалник на главниот град. Тројцата се појавуваат заедно на телевизија. И градоначалникот на новинарите им вели дека нема ингеренции да урне дивоградба во подрачје што е заштитено како природно богатство. Тоа го слушаат министерот за внатрешни работи и министерот за транспорт и врски. И не реагираат.

Тоа е тоа. И тоа е сѐ што треба да се знае за функционирањето на македонската држава.

Дивоградбата е обична дрвена платформа на езерото во кањонот на Матка што е природна реткост и што го има на сите разгледници од Македонија. Едниот министер е Оливер Спасовски, кој раководи со полицијата и сака да биде претседател на државата. Другиот министер е Горан Сугарески, под чија надлежност е Државниот инспекторат за градежништво. А градоначалникот на главниот град се вика Петре Шилегов. Кој пред другиве двајца високи државни функционери на новинарите им соопштува дека Матка е во Општина Сарај. Слободна зона од метрополата, што е под контрола на градоначалник на ДУИ кој се вика Блерим Беџети. А ДУИ е коалиционен партнер на владејачката партија СДСМ, од каде што се градоначалникот и двајцата моќни министри.

Скопје, Сарај, Матка – релација кратка. Сите се на власт, сите се на клучни места, ама никој, ај што нема ингеренции, туку нема ни моќ да ја тргне дрвената платформа од езерото.

Во приказната за платформата од Матка има и една друга многу важна институција што се вика Инспекциски совет. Во таа државна институција имаат и одделение за односи со јавноста. Којзнае колку братучеди, баџанаци, снаи, девери, шурнајки се имаат напикано таму за да ги раниме. Ама, тие не одговараат на новинарски прашања дали инспекторите излегле на терен да ја видат платформата. Туку бараат да поднесеме барање за пристап до информации од јавен карактер. Да пополниме формулар, да им го испратиме, а тие ќе ни одговорат во рок од 30 дена. Транспарентна админстрација – нема што.

Оваа Сарајска платформа се покажа многу солидна. Поцврста и постабилна дури и од Тиранската платформа. Оти Тиранската платформа беше виртуелна. Ја измисли ВМРО-ДПМНЕ за да кулминира со нападот на Собранието на 27 април 2017. А платформата на Матка е вистинска. И топ не ја бие.

Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e