Сарачини: Димовски вели дека Сталин можел вода да и носи на власта – Нормална е таа реакција, оти борбата со дезинформации е борба со нивната медиумска моќ

РЕАКЦИИТЕ НА МВРО ВМРО И ПРОПАГАНДИСТИТЕ, ДОКАЗ ДЕКА ПЛАНОТ ЗА БОРБА СО ДЕЗИНФОРМАЦИИ ДОАЃА ВО ПРАВО ВРЕМЕ!

Одлична е реакцијата на предлог-планот за справување со дезинформации кој Владата го даде на јавна расправа. И јавната расправа – веднаш започна.

Навистина, спектакуларни се реакциите на челниците на мвро-вмро, кои со години создаваа машинерија за лажни вести, кои го окупираа медиумскиот простор, кои поттикнуваа вербално насилство и говор на омраза кон поинаквите, кои затвораа медиуми и новинари, кои направија таква деградација на јавноста која остана забележана во сите меѓународни медиумски и политички извештаи за земјава, оние кои се уште владеат и раководат со оркестрирани пара-медиуми, е тие – обвинија за цензура.

Замислете, Илија Димовски вели дека Сталин можел вода да и носи на власта. Нормална е таа реакција, оти борбата со дезинформации е борба со нивната медиумска моќ, таа што ги одржува во живот такви испразнети од секаква политичка и морална суштина. Моќ, која иако ослабната во споредба со моќта што ја имаше кога началниците беа на власт и во полна сила, е сепак тука и прилично активна, и држи во лажна реалност стотици илјади граѓани, односно гласачи, со што се држи во постојан ризик од повторно поробување и целото општество.

Но, мора да признаете, уште поспектакуларни се реакциите на оние што сите овие години се главните штрафови во пропагандистичките машинерии на една или друга власт, оние што за столче и трошки крај масата на големците го продаваа со години својот и интегритетот на редакциите што ги водат.

Иако планот во областите на заедничко дејствување меѓу институциите и медиумите не нуди конкретности туку само повик на заедничка работа во неколку области за добро на граѓаните, нуди поддршка и прифаќање на стадарди што ги дефинира самата новинарска фела, а и поддршка на медиумите и новинарите кои се главните на удар на евтиното пара-новинарство и пара-медиуми затоа што квалитетниот новинарски производ е скап, добар дел од нив, навикнати на пари кои одамна не доаѓаат од публиката и гледаноста/читаноста туку од други извори, одбираат од прва да го одбијат планот.

Избираат, всушност, да продолжат да ја сечат гранката на која седат не само тие, туку и стотици квалитетни професионалци и нивните семејства, и да се приклучат на врескачкиот хор кој се дере „цензура, цензура“, а ниту го прочитал планот, туку се базира на интерпретациите на оние што со години ни ја заробиле јавноста, а кои и самите не го прочитале планот, ама „однапред“ знаат што тој ќе биде.

Оваа битка ќе биде мачна и долга. Немаме јавност која е подготвена за квалитетна дебата. Тоа е повеќе од очигледно. Но борбата за да дојдеме до таква јавност, за да им дадеме шанса на нашите деца, на идните генерации да не живеат во реалност диктирана од мал број на малициозни луѓе со политички и бизнис интереси, таа борба не смее на престане. Нема цена која може да ја плати иднината. Затоа, трпеливо и со насмевка, како и досега, ќе издржиме, ќе бараме решенија кои се најдобри за сите граѓани, и ќе победиме.

Став на Петрит Сарачини 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e