Партијата е во опозиција, но пропагандната машинерија се’ уште си врти како кога беше на власт

Драги пријатели и пријателки, имам потреба повторно да се изјаснам во однос на најновото парче режимска пропаганда.

Иако првично сакав со задоволство да ја игнорирам, оваа „вест“ предизвика повеќе од заслужено внимание во јавноста. Започнувајќи од завчера (27.06.2017г.), прво локалните, а потоа и националните курирчиња се впуштија во промоција на текст за непостоечки инцидент во делчевската кафеана „Антика“. Несреќниот текст го носи насловот: „Пратеникот на СДСМ Богоевски со „весело“ друштво се заканувале и лумпувале во кафеана“. Вчера, (28.06.2016г.), на истите, но и на неколку други портали е објавена вест дека „Се огласи човекот кому Пратеникот Богоевски со друштвото му се заканувале“. Наводно, наредниот ден еден од моите пријатели му се заканил на човекот кој ја „открил веста“, со цел да ме заштити мене.

Веднаш сакам да кажам дека во кафеаната Антика немаше никакво лумпување или заканување од мене или моето друштво. Истовремено, ако навистина мојот пријател се заканил обидувајќи се да ме заштити, сакам најостро да го осудам тоа. Пријателскиот или каков било друг однос со мене не му дава право на никој да се однесува како да е над законот. Јас немам потреба од заштита, а доколку би имал, таа сигурно не би требало да биде во форма за телефонски закани и слични методи карактеристични за претходната власт. Ние треба да водиме преку пример, а не да продолжиме како режимот кој едвај го бутнавме.

Во однос на наводниот инцидент во кафеаната „Антика“, порталот zurnal.net прв објави текст во кој беше наведено дека „Според очевидците Богоевски ја наполнил масата со разни видови на јадења и разни алкохолни пијалоци, постојано порачувајќи уште. Друштвото почнало да пие, а откако испиле по некоја чашка алкохол, почнале со навреди и довикување кон гостите во кафеаната, музиката и персоналот, на ова реагирале од персоналот кои стравувајќи од поголем инцидент, ги замолиле да се смират, на што уследила реакција ‘ние сме сега власт, што сакаме ќе правиме’.“ Потоа, порталот наведува дека некој од мојата маса почнал да мава со вилушки и ножеви по гостите, по што дел од гостите уплашени си заминале, а персоналот морал да интервенира.
Вистинитоста на приказната завршува со првата реченица. Да јас и моето друштво навистина ја наполнивме масата со сите видови на скара кои беа на располагање. „Антика“ е позната по својата скара, а ние како типични скопски туристи сакавме да пробаме од се’ по малку. Исто ткака, забележав дека еден мој пријател од масата имаше вербален конфликт околу нарачка на некоја песна, но тоа во никој случај не прерасна во ситуација каде се фрлало со прибор или биле уплашени гостите.

Колку што јас можев да дознаам, „очевидците“ на кои се повикува журнал.нет е еден човек кој е вработен во Општина Делчево како преведувач. Проблемот е што тој воопшто не беше во кафеаната. Тој јавно ме прашал преку Фејсбук (без да ми го означи името) дали имало инцидент во кафеаната и од каква природа бил истиот. Врз основа на тоа, „независниот“ „медиум“ журнал ја креирал оваа приказна. Ми постави и неколку други прашања, кои со задоволство ќе му ги одговорам во коментарите.

Во однос на заканите, наводно еден од моите пријатели утредента му се јавил на загрижениот преведувач од Општината и му се заканил дека „ќе зажали за постот“. Настанот бил пријавен во делчевската Полиција, а наводната жртва побрза да даде изјава за локалниот медиум читајќи од напишан текст. Вистина е дека еден од моите пријатели бил пријавен за наводни закани.
Не успеав со сигурност да ја проверам вистинитоста на ова тврдење. Мојот пријател негира, но човеков тврди поинаку и тука е случај на зборот на едниот против зборот на другиот. Но, штом настанот е пријавен во Полиција, уверен сум дека органите на прогонот ќе го истражат докрај. Истовремено, ги повикувам да го истражат и наводниот инцидент во кафеаната „Антика“, доколку сметаат дека има потреба. Јас и моите пријатели им стоиме целосно на располагање во утврдувањето на вистината.

Пред да завршам, сакам на „загрижениот“ општински работник да му порачам да не се секира – во Септември, парламентарното мнозинство ќе изгласа закон со кој минималната плата ќе биде 13,000 ден. Тоа, за прв пат ќе ги опфати и текстилните работници. За потребата од изјавувањето на овој мој став, ве молам прочитајте ги одговорите на прашањата во коментарите.

За крај, сакам искрено да им се заблагодарам на Делчевчани и Делчевчанки за прекрасниот викенд. Си поминав преубаво, а Делчево и околните природни убавини засекогаш ќе ми останат во спомените. Имав прилика да слушнам различни приказни и проблеми, но и многу предлози за мошне иновативни решенија. Со задоволство ги очекувам следните дружби со новите пријатели.

Павле Богоевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e