Опинците на Заев

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Ѕвездан Георгиевски за Призма:

Велат дека има еден неверојатно добар мајстор за правење опинци. Ќе ги обуеш неговите опинци, ќе влезеш во солитер, ќе рипнеш од 11-ти кат, ќе се искршиш на парчиња, а на опинците – ништо!

На оваа стара шега се сетив кога го слушнав премиерот Зоран Заев како ги употребува опинците како метафора во контекст на ветувањата за просечна плата од 500 евра.

И, навистина, зошто опинците би се употребувале во контекст на зголемување на стандардот? Па, макар биле и железни! Заев, да се потсетиме, вели дека ако треба ќе облече и железни опинци, ама ќе има просечна плата од 500 евра. Зошто би обул железни опинци? Зошто не, на пример, железни чизми? Или железни еспадрили? Или железни мокасини? Или железни копачки? И зошто тие да бидат железни? Зошто да не бидат, ете, златни?

Добро, да не се правам сега недоветен, Заев сакаше да каже дека ќе искине железни опинци за да ја оствари целта, меѓутоа и вака сфатена, метафората звучи прилично несоодветно. „Кинење железни опинци“, всушност, се употребува за реализација на некоја енормно тешка, да не кажеме недостижна цел. Во таа смисла излегува дека ветувањето на премиерот за 500 евра просечна плата, всушност, е тоа – ветување! Некаква цел која е речиси неостварлива.

Со каква тешка работа ќе се зафати премиерот за да направи просечната плата да биде 500 евра? Ќе ја зголемува минималната плата? Или ќе ја зголемува платата на министрите и администрацијата? А патните трошоци? И тие ли влегуваат во просечна плата? Тоа ли е таа економска политика?

И зошто е тоа толкаво чудо просечната плата да биде 500 евра?

Еве, на пример, некои податоци за земјите од бивша Југославија. Минатата година, се разбира, највисока просечна плата била во Словенија, некаде околу 1.100 евра. Натаму следи Хрватска со околу 870 евра (мај 2018), а во истиот период Црна Гора имала 511 евра, Босна и Херцеговина 450 евра, Србија 425 евра и Македонија точно 399,28 евра (24.509 денари).

Со други зборови, не треба Заев ниту да облекува, ниту да соблекува железни опинци за да се достигне ова ниво, ниту, пак, тоа е цел која е толку далечна. На пример, ако го активираше она броило на Триумфалната капија, барем на оној начин на кои извршителите, нотарите, банкарите, па и Управата за јавни приходи ги активираат своите броила врз она што онака, речиси ефемерно, се нарекува народ, верувам дека сега ќе седеше завален во некоја фотелја, ќе грицкаше семки и ќе мантраше дека „зборот е збор“.

А, богами не би било лошо да се активира едно броило и за сегашната власт. Верувам дека и тука можат да се пронајдат некои извори за поблагопријатно грицкање семки.

Целата колумна на Призма на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e