Нинџа им мајчина

Дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Кога претседателот Ѓорге Иванов ќе каже: „Нашата јавност е таква, верува на обвинет, а не на официјални институции“, на која јавност мисли? На народот на кој што постојано се повикува? На тие што го избрале? Или на тие што го бојкотираа референдумот оти „името не го даваме“, на кои гордо се повикува кога не го потпишува Договорот со Грција? Или на народот кој застанал против Тиранската платформа, па во тоа име не го даваше мандатот на лидерот на мнозинството во Собранието? И не го потпишува Законот за употреба на јазиците. Или, се повикува на народот кој „дошол по своето“ на 27 април за време на „најмирољубивиот насилен влез во Собранието од страна на граѓани во историјата“?

Иванов сега го пизми истиот тој народ што верува во сведочењето на обвинетиот за нападот на Собранието Александар Василевски-Нинџа, а не им верува на институциите. Па и Нинџа бил институција. Го вработиле во Управата за безбедност и контраразузнавање под команда на ВМРО-ДПМНЕ. Со завршено тригодишно средно стручно школо. И два службени џипа му дале. Блиндирани. И државно оружје му дале. И радиостаница за да ја следи комункацијата на полицијата на подрачјето на СВР Скопје. И како таква битна институција му дале и личен телохранител. Сосе пиштол.

На 27 април 2017, при нападот на Собранието Нинџа ја претставувал институцијата УБК. Исто како што Ѓорге Иванов, на 27 април ја претставуваше институцијата претседател на Македонија. И таа институција, вечерта се појави на телевизија и закажа лидерска средба. При што, за еден од лидерите мирољубивите напаѓачи беа убедени дека го претепале до смрт. Другиот лидер имаше чалма на главата и крваво лице. А третиот лидер беше во Виена по важна државничка работа.

И сега Иванов се обидува секој сомнеж за неговата улога на 27 април да ја претвори во сомнеж кон Армијата. Демек, АРМ – тоа сум јас. Па дури и за влезот во НАТО се загрижи.

Што е разликата меѓу Ѓорге Иванов и Александар Василевски-Нинџа? Освен тоа што едниот е универзитетски професор по право, а другиот има трети степен „Коце Металец“? Едниот е врховен командант на армијата. А другиот е врховен командант на пешадијата што го нападна Собранието. И двајцата земаат плата од државата.

И што е проблемот со довербата во институциите? Можеби затоа што институцијата Иванов во април 2016 аболицираше 56 функционери осомничени за тежок криминал. И благодарејќи на таа аболиција и Никола Груевски и двајцата пребегани разузнавачи во Грција Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои го ангажирале Нинџа да стане институција, сега се слободни лица во Унгарија и во Грција. А другата институција Нинџа со кодно име Самурај, на 27 април 2017 го нападна Собранието за да ги спаси од кривично гонење истите тие што институцијата Иванов ги аболицираше, па потоа мораше да ја повлече аболицијата.

И Ѓорге Иванов и Нинџа Самурај се институции. И двајцата работеле за ист нарачател. А тоа не бил народот.

Целата колумна на СДК на следниот линк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e