Мирисот на смртта

Се договоривме дека во НАТО и во Европската унија ќе ја внесеме Северна Македонија, не ковчегот со посмртните останки на Северна Македонија. Оваа распојасаност на најсмрдливата свинштина, на политкриминалните и медиумски бишки што парадираат низ јавниот простор како аристократи на Новогодишниот концрт во Виена, го шират тој мирис на смртта.
Една работа е политичката интервенција (амнестија) поради остварување на повисоки цели, а друга работа е убиството на правната држава. На самата идеја за правната држава. Плус општиот грабеж и неподносливата цинична арбитрарност со која политиката го извлекува сопственото зло од сите можни инкриминации. Пензии, вакцини, и впрегнатост на безмалку целокупниот правен систем во одбрана на криминалот и најтешкото зло. Како некое културно наследство на вмро-дпмне и на Груевски. Кај што не е идејата СЈО и правдата и целото општество да дојдат до вистината за криминалот и до правдата која во тој случај не е само правда во конкретните процеси ами е правда за сите, туку криминалот да дојде до вистината дека СЈО го утепале со некакви рокови и форсирани процедури кои си ги дефинирал самиот криминал.
Или тоа ќе се пресече денеска, или ќе се согласиме дека нашата слатка татковина, за жал, а можеби и за среќа, почина по долга и тешка болест!
Што е темата на денот!?
Дали Врховниот суд излегол од своите надлежности!?
Јас не знам адвокат или друг познавач на работите во правосудството, кој нема да ви каже дека Врховниот суд е нон-стоп надвор од своите надлежности, односно дека е еден од најрепрезентативните субјекти на високата корупција во Македонија. Циниците велат дека кога ќе ја менуваат таблата, освен двојазичноста на новата плоча ќе бидат забележани и тарифите. Јас не сум циник јас само сакам да прашам, кои сили го тераат општеството да се занимава со елементите на процедурата што ја инсталирале криминалците и најтешките злосторници, а не со криминалот, со неговото процесуирање и санкционирање. Каква е таа еротика што големи делови од општеството ја доживуваат во гестот со кој се фрлат бомбите на буниште.
Тоа е како во некој репрезентативен ресторан да ви принесат свежо говно за ручек, а вие да не го фрлате или да не ја напуштате или демолирате кафеаната, туку да барате шефот на салата да ви реферира дали угостителскиот објект има дозвола да сервира говна, дали на говната е платен дедеве, дали се со поминат рок на употреба итн.
“Морам само еден личен пример да наведам за нивната крајна корумпираност…простете ми сите на слободата да го узурпирам просторот тука…пишува под еден мој статус, Валентина Здравеска…на две добиени пресуди во моја корист и потврдени со правосилност, Врховен суд мериторно ги поништи!..Се работеше за продажба на стан кој беше стекнат во брак и кој беше продаден од поранешниот сопруг без мое знаење.. моја согласност…без мое присуство кај нотарот и без моја писмена изјава и потпис во Нотарската книга..Е тоа е Врховниот суд и благодарение на него..јас и мојот син станавме бездомници и така живееме веќе 12 год..Инаку пазарната цена на станот е 120.000 евра…и сега претпоставете која сума таа криминогена и корумпирана судиска багра ја има земено како надоместок за поништувањето на две пресуди во моја полза ?!….Простете на искреноста…
Простуваме.
Еден финансиски трансфер на обвинето лице во предметите на СЈО може да вреди колку дест годишни буџети на целокупното правосудство во Македонија. Кој интегритет треба да се има за да се издржи тој притисок на парите. Плус политичкиот опортунитет кој одвреме-навреме се јавува, не за да ја намали, туку за да ја зголеми моќта на парите.
СЈО беше формиран за да се решат вонредните и монструозни феномени на политички, партиски, правосудно и државно сервисираниот криминал од највисок ранг. Да биде важна алатка во ослободувањето на заробената држава. Кој, да не заборавиме, учествуваше во дефинирањето на неговите статуси низ правила кои сега се користат за да се суспендира неговата работа. Заробената држава го исфрла СЈО од игра, односно сака да го исфрли, затоа што и СЈО и политичкиот фактор, по смената на власта, не успеаја да ја исфрлат заробената држава односно да ја ослободат. Останаа блокирани во присуство на сите клучни фактори на заробувањето, од Хорхе до Превара, од медиумската машина за кретенизација, до неограничените финансиски и материјални моќи на тие што ја опљачкаа и растурија државата, до судските и обвинителски инсталации.
Можеби ставот на меѓународната заедница и позицијата на Заев во однос на тие злосторнички инсталации беше благородна, во смисла да не се гибаат тие структури, туку да им се овозможи да се свртат кон правдата, но тоа очигледно беше погрешна проценка.
Што, всушност, значи решението на Врховниот суд!?
Ако другите делови од правосудниот систем или законодавната власт, не најдат начин да го суспендираат или да го третираат како нерелевантно?!
Тоа решение значи поделба на општеството на политичка и бизнис елита за која важат едни правила, односно не важат никакви општи законски акти и остатокот на општеството за кое важи Кривичниот закон!!!
Такво општество не е можно ниту во НАТО ниту надвор од НАТО, не е можно ниту на Мелмак, а, ако,сепак, се покаже дека е можно, тогаш сигурно нема да е демократско и правно во модерната смисла на зборовите.
За да воспостави иста пракса (Десковска), Врховниот суд би требало да интервенира и на редовното јавно обвинителство да му даде рок од 18 месеци, па да ги остави и обичните криминалци раат.
Тоа можете да го разберете и како мала шега, но ова што сега ќе го речам е многу сериозно: корупцијата во Македонија е нерешлив проблем низ редовниот систем од закони, односи и надлежности. Лекот мора да биде вонреден и надсистемски, зашто системот е корумпиран и се реподуцира самиот себе во корупцијата како матка. Корупцијата не е 5, 10, 50 отсто, во некои построги скали, таа е бајрамска и изнесува 102,3 отсто.
Затоа мора да се оди не на овие криминални решенија туку на продолжување на мандатот на СЈО, на формирање на специјален суд за организиран криминал што ќе ги процесуира неговите предмети и на формирање на специјална полициска единица за сервисирање на СЈО!
Со вонредни овластувања.
Да можат вон редовните процедури да ги приберат Јово на топло.
Со техничка и кадровска помош од странство.
Јас знам дека ова и дел од политичката битка против Заев. И против Македонија. Но, Заев го зема Превара да му ги работи реформите во правосудството!? Наместо да ја искористи својата европска репутација и да ги среди работите по западен терк.Не сум сигурен дека ние внатре можеме да обезбедиме политичка конфигурација која ќе биде смртоносна за корупцијата и организираниот криминал. Можеби треба да се проба со ново Пржино. Специјално Пржино. За правосудството.
Бранко Тричковски

Колумна во “ Слободен печат”

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e