Има нешто симболично во периодот на апсењето на извесниот Стефан Чернетиќ, кој покрај безбројните светски титули, одбра да се претставува како принц на – Црна Гора и Македонија! Добро, тоа му е наследна титула, а во суштина, судејќи според неговата веб страница може да се види дека човекот е уште принц и на Србија, Албанија и Војводина, а и титулар на Константинопол, Романија и Грција! Според она што може да се прочита на веб страницата, човекот е во директно сродство со царот Константин, а лозата му стасува дури до Гај Јулиј Цезар. Или, како што некаде веќе беше напишано, неговата лоза е толку древна што на неа никој повеќе не се сеќава, освен, се разбира самиот Стефан Чернетиќ.
Оваа реинкарнација на славниот црногорски лажен цар Шќепан Мали (патем речено, тие се практично имењаци, бидејќи Шќепан е црногорска варијанта на името Стефан) има направено и некои навистина кралски потези. На пример, на Памела Андерсон ѝ доделил титула на Големата дама на Црна Гора што е потег против кој веројатно нема ништо против ниту еден чесен Црногорец. Дури, напротив! Потоа јадел и пиел по луксузни ресторани и ресорти што исто така е прилично нобл. До оној момент додека неплатените сметки не стасале до црногорската и македонската амбасада. А овие, се чини, и немале некое особено разбирање за кралските потреби. Како ни италијанските карабинјери.
Во Италија е уапсен извесен Стефан Чернетиќ, принц на Црна Гора и Македонија. Македонските лажни цареви уште шетаат по земјата и држат исто толку лажни политички говори
Лажниот цар Шќепан Мали влезе во црногорската историја, меѓу другото, и како сериозен реформатор на црногорската држава (ја укинува крвната одмазда, го создава првиот официјален суд – совет од 12 племенски старешини, ја формира првата постојана вооружена единица…). А во светската историја влезе единствено како – измамник! Тоа е веројатно единствената сличност со денешниот Шќепан Чернетиќ, иако овој актуелниот ни од далеку не е од таков маштап како неговиот славен претходник.