Корекција: Амнезија, не амнестија!

Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:

На преостанатите лојалисти на криминалното крило на ВМРО-ДПМНЕ им одговара само тотална амнезија, онаква во каква што живеат самите долги години. Не помирување, не амнестија, туку тотална амнезија. Контактот со реалноста не им е силна страна (на лојалистите). Тронот во партијата го држат грчевито до болка, немајќи ни еден друг резервен излез од ќорсокакот што самите го трасираа и во кој тврдоглаво ја туркаат целата партија, но и многу повеќе од тоа.

Кога жртвата подава рака

Не оди вака повеќе. Изгледа дека помирувањето им е несфатливо, едноставно, не им оди в глава таквиот концепт. Зборуваме за концепт што не е непознато за светот, а ни за Македонија. Тоа е она политичко помирување на кое повикуваше ЦИВИЛ уште од 2011 година, десет години по стартот на процесот за етничко помирување. Политичкото помирување често го споменуваше и легендарниот ЕУ амбасадор Ерван Фуере. По сѐ што се случи, со лузна на челото од напад врз неговиот живот, помирување понуди и премиерот Заев.

Ништо од тоа не им оди в глава. Или барем така изгледа. Нивната единствена реакција на сето тоа е – амнестија. Не разбираат или не сакаат да разберат дека некој што бил жртва, кога нуди помирување, потребни се широчина, доблест и визионерство. Особено ако жртвата веќе не е во ситуација да моли, туку го нуди помирувањето од победничка позиција. Неприфаќањето на подадената рака е знак дека на другата страна имате или луѓе со ограничени интелектуални способности или непоправливи, бесрамни и бескрупулозни престапници. Во двата случаи, плукаат на подадената рака.

Тврдоглавиот насилник и неговите ортаци

Влатко Ѓорчев од говорницата во Собранието и пред камерите се однесува како недозреан и тврдоглав насилник. Тој е како невоспитано дете што нема обѕири кон ништо и кон никого. Мавта наоколу со навреди и лаги, непрекинато меле една те иста прикаска во која сигурно и самиот верува, а тотално бесмислената врева што ја прави, нему му изгледа како човечки говор. Сиромашкиот, не може да сфати дека е смешен кога, со патетика во својот полуартикулиран настап од собраниската говорница, вели: „Ништо не преземавте за полнењето кутии за референдумот“.

Овој лик, Ѓорчев, беше и е дел од злосторничка дружина полнеше кутии, влечеше луѓе за врат, ги третираше луѓето како „човечиња“ (неговата министерка од МВРО) со години. Не еднаш, не два пати, туку со години. Не кажа кој, кога, на кои места полнел кутии, врз основа на кои наоди, уште поважно – какви наоди, со која релевантност… Ништо од тоа. Тој и неговите пајташи по криминал, ни малку суптилно, го вперуваат прстот кон Албанците. Без оглед на тоа дали тоа ќе го изговорат зборот Албанци сега или не, доволно јасно се гледа насоката на нивното обвинение, бидејќи премногу предрасуди и омраза раширија во изминатите децении. Го прават тоа да се подразбира. И да подразбира една низа шовинистички и екстремни националистички ставови. И треба да го „купиме“ тоа сега? За да можеме да кажеме дека има политички дијалог и да има „две страни“?

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e