Хајка против Алаѓозовски: Еве што тој им одговори!

Во изминативе два дена во Собранието ја дискутираме исклучително важната, пионерска, Стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот. И додека расправата во собраниската комисија натежнува кон прифаќање на оваа исклучително важна стратегија, јас станувам предмет на специјална пропагандна војна на оцрнување.
Хајката кон мене за објавувањето на книгата од бугарската авторка, објавена пред четири години, кога владееше заробената држава, е примитивен обид за цензура на културата, обид да се убие дијалогот и размената на различни ставови и мислења меѓу нашите две соседни држави, меѓу нашите народи и култури.

Оваа хајка наликува на почетоците на најцрните нацистички прогони против издаваштвото, кои завршуваа со масовни палења на книги. Ја спроведуваат оние, во чие време почнаа да се продаваат нацистички книги по супермаркети.

Издавачката куќа „Готен“, чиј основач сум, објави книга која и овозможува на македонската јавност да ги осознае подетално и посуштински ставовите и позициите што ги гради дел од бугарската интелектуална и културна заедница за бугарско-македонските односи.
Одбравме тоа да го направиме низ еден уметнички а не академски запис, низ призмата на една истакната авторка и уметник, за македонската јавност да добие појасна слика за тие ставови, надвор од вообичаените политички и медиумски шаблони нарации и пораки што одекнуваат во двете земји. Слушањето на ставовите и размислувањата на другиот не значи согласување со изнесените ставови, туку само можност да се разбере подобро позицијата на другиот.

Ние ги охрабруваме издавачите во двете земји да ни се приклучат, и да имаме што повеќе можности да дознаеме едни за други, за нашите култури, уметнички визии, уверувања, за нашите ставови, стравови, стереотипи за „другиот“. Културниот дијалог може само да придонесе тие разлики, стравови и анимозитети да се надминат, а ние заедно како соседи да зачекориме кон една подобра иднина за целиот регион. Културата секогаш била таа што ги гради мостовите меѓу народите, така било, така и ќе остане.

ФБ статус на Роберт Алаѓозовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e