Ептен помирени

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

-Дај пратениците нека ги изгласаат уставните измени и нека кршат глава. Додека Грција не го ратификува нашето членство во НАТО нека исклучат и телевизија и Интернет, да не ги гледаме што прават. И Владата, како што прогласи неработен ден на 2 јануари, нека донесе уште еден декрет – сите да нѐ амнестира од одговорноста да бидеме нормални граѓани. Да си земеме продолжен одмор заедно со јавната администрација.

Само, не знам дали е баш паметно да не ги гледаме што прават. Оти, ако не дај боже Грција пак стави вето, да не се шокираме многу повеќе од бељата што во меѓувреме ја направила власта, отколку од евентуална нова грчка блокада.

Цената што беше побарана од нас за да влеземе во НАТО беше да го смениме името на државата. Не беше да ја изгубиме државата. Во име на некое идно владеење на правото го урнисаа и ова малку право што го имавме. Тоа ти е како да се договориме да фрлиме уште еден кат на куќата, ама да го урнеме приземјето.

И ај кога веќе ја проголтавме кнедлата дека требаше да бидат амнестирани пратениците што ги отвараа вратите при нападот на Собранието на 27 април 2017 за да гласаат за уставните измени – да разбереш зошто – за НАТО. Ај и за другиве пратеници на кои во Кривичниот законик им исцртаа фото-робот за да не одговараат за злоупотреби во јавни набавки – ќе речеш, ќе замижиме пред неправдата во име на повисоки цели. И на тоа ќе се надоврзат и барањата на СЈО притворите на шестмина осомничени во случајот со перење пари „Империја“ да им се заменат со поблагата мерка куќен притвор. Да ги поминат празниците скромно, во кругот на семејството.

Како мускетарите се. Еден за сите, сите за еден. Сложно краделе, сложно во затвор отидоа, сега сложно и од слобода нека се бранат. Еден за сите, сите ние за никаде, а тие за Белизе.

Тоа што Мијалков има шанси да го пуштат од Шутка во куќен притвор има логика. Нели некоја пратеничка му била снаа од втор братучед. Додуша тој не знае колку втори братучеди има, како што ѝ призна на судијката Лаличиќ додека сам се прислушувал, ама братучед си е братучед. И пуштањето на Орце Камчев има логика и е поврзано со гласањето за уставни измени. Не само затоа што Камчев самиот кажа дека тој би гласал за Договорот за Преспа, туку и затоа што Бугарија го именуваше за почесен конзул во Македонија. А Бугарија е членка ем на НАТО, ем на ЕУ, плус од неодамна и многу близок стратешки партнер. Не бива еден проблем да затвориме, а друг да си отвориме. Туку, што има врска со гласањето во Собранието и влезот на Македонија во НАТО Цветан Панделески, газдата на „Пелистерка? Освен што и тој е стратешки партнер. На бизнисите на Орце.

Глобален е трендот на помирување. Од вратата на Крсто Мукоски до меурчињата на пелистерката на Панделески.

Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e