Духот шета

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Што сè не преживеа овој Груевски. Жилав е. Отпорен. Како лебарка е. Утре во Будимпешта да падне атомска бомба и од таму ќе се спаси. А ние, еве тече веќе трета година од објавувањето на бомбите, а уште не можеме да се ослободиме од него. Телото му е во Будимпешта, а духот му шета низ Македонија. Таму, како во предизборна кампања се смее од плакатите на унгарската опозиција, а тука ни се смее на сите во лице пишувајќи ни пораки на Фејсбук.

Па уште од Будимпешта нè поздравува дека тој веќе влегол во ЕУ и НАТО. Големиот херој од Унгарија ќе се борел посветено за македонската кауза. Виктор Орбан му даде политички азил затоа што во Македонија не чинело судството. И немало добри услови во затворите. Па да го почекаме да ни се врати. За тој да нè внесе во ЕУ и НАТО. Да го оправи судството. Да ги извади од некоја фиока тефтерчињата на Гоца. И да ја праша секретарката кои имиња ѝ ги издиктирала претседателката на Судскиот совет, како што слушавме во бомбите како диктираше судијката Александра Зафировска. И што знаеше точно колку години ќе лежи Љубе Бошковски уште кога го уапсија. А на Фиат Цаноски му ја урна зградата „без тупење – со динамит“ оти му ја напушти коалицијата. И сега доби азил оти тој бил политички прогонетиот.

Кога војводата ќе се врати од Унгарија ќе ги реновира и затворите. По европски стандарди и прецизни насоки на братучедот Сашо Мијалков. Кој сега е ангажиран на твининг проект и вмрежување во реални услови во Шутка. Можеби и унгарскиот министер за правда Лазло Трошани ги слушал бомбите па изјави: „Да бидеме искрени, ако поранешен премиер оди во затвор сигурно нема да му биде лесно“. Е па го слушнавме Мијалков како му се фали на Латас во бомбите: „Да му пуштам некој понадарен“. И братучедот му се пожали на Орбан дека и него го чекале во затвор.

Сега фали уште Унгарија да нè блокира во НАТО и ЕУ оти сме имале многу корупција. Да не е многу? Па Орбан ќе ни го чува Груевски во Будимпешта, да го научи како да се бори против корупцијата. А неговите од партијата што ги терал да се потпишуваат наместо него нека си седат во затвор, оти тие не биле премиери, па затворот полесно ќе го поминат. Груевски ништо не потпишувал, а тие само желбите му ги исполнувале. Некој мерцедес му купувал, некој шамари удирал, некој уплатници за партијата пополнувал. Тој на каузата ѝ се посветувал. А тие потписи ставале.

Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e