Дојрански договор

-Aј па да не одиме на референдум! И наместо да се занимаваме со договорот со Грција и влезот во ЕУ и НАТО да се занимаваме со барањата на Мицкоски. Што ќе се случи? Ќе се отворат нови преговори со Грција. Обединетите нации пак ќе го ангажираат Метју Нимиц да посредува. Мицкоски како премиер на Македонија ќе преговара со Мицотакис како премиер на Грција.

И во обновените преговори ќе дојде до решение со некое подостоинствено име од Северна. Ќе се врати на предлозите што ги слушнавме во прислушуваните разговори – она горна, долна, заграда, пред Република, по Република… И тоа име нема да биде ерга омнес. Опцијата „а војна да направиме?“, што исто така ја слушнавме во прислушуваните разговори, секогаш ќе биде отворена. Некој иден британски премиер повторно на пропатување од Софија за Лондон ќе слета на два часа во Скопје, зашто Македонија пак ќе му биде битна на Обединетото кралство.

И потпретседателот на САД ќе им се јавува на Мицотакис и на Мицкоски да им нуди поддршка за спроведување на новиот договор за името. И Америка три пати во една недела ќе ја споменува Македонија во официјални соопштенија во контекст на глобалната безбедносна стратегија. И некој германски канцелар или канцеларка особено ќе се ангажираат за Македонија, оти ќе немаат друга попаметна работа. Најважно од сѐ е дека Груевски нема да оди в затвор.

И парите што ги испокрадоа неговите ќе си ги задржат и ќе можат да ги оплодуваат. Тие што го нападнаа Собранието ќе добијат восочни фигури во Музејот на ВМРО како маченици. Само Заев ќе мора да ги врати парите што ги потроши од прославата за поканата за НАТО. Никола Димитров ќе се врати во Холандија. Катица Јанева ќе се врати во Гевгелија. Фатиме Фетаи нема да стане прва претседателка, како што планира. Јанко Бачев ќе стане вицепремиер за евроинтеграции. Димитар Апасиев национален координатор за НАТО. А Ѓорге Иванов ќе добие доживотен мандат. Да не биде дека само Ердоган, Путин и Кинезот тоа го можеле. Следниот договор меѓу Македонија и Грција наместо во Преспа би можел да биде потпишан во Дојран. Па како што Ципрас во спотот му се јавува на Заев и му вика „Зоран ду ју ноу Преспа“, Мицотакис ќе му се јавува на Мицкоски и ќе му вика „Мицко, ду ју ноу Дојран?“ А Мицкоски ќе одговори „Њет! И доста со сила ме терате да влезам во НАТО!“

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e