Свети ДУИ

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Горан Михајловски за СДК:
Кругот се затвори. Името го сменивме. Принципот за неказнување криминал не го сменивме.
„Ниту еден криминал не смее да остане неказнет“, изјави министерката за правда Рената Дескоска и веднаш внесе оптимизам во нашите животи. Оти, со оваа изјава цврсто нѐ убеди дека ниту еден криминалец нема да остане неказнет. Освен тие што ќе останат неказнети. И освен тие чиишто дела нема да застарат. И тие на кои нема да им се преквалификува кривичното дело. И тие за кои СЈО не покренало истрага во рок од 18 месеци. И тие што нема да бидат амнестирани. И тие што нема да бидат аболицирани. И тие што не избегале. И освен Ѓоко Поповски од МВР што го набавувал мерцедесот по нарачка на Груевски.

Бидете спокојни. Сега и Врховниот суд речиси едногласно пресуди дека СЈО веќе нема право да води нови истраги, па малку ќе земеме здив од беспоштедната битка што власта ја поведе против високопрофилните криминалци. Конечно, и тие ќе почувствуваат што е живот за сите.

Па и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски нема да се грижи ако случајно му текне на СЈО да покрене обвинение и за него. Оти, го чувме во бомбите како изнесува докази и му ги дава на Миле Јанакиески. Што убаво. Претседателот на Врховниот суд самиот одлучил повеќе да не може да биде гонет. А останатите 16 врховни судии одлучиле дека не смее да се гони криминал за кој има обезбедено докази. За секој случај. Ептен правично. А богами и врховно поимање на правната држава.

2 Што е за право, таков е законот. Ама, што е за право, законот може да се смени. Во Собрание. Оти и законот со кој беше формирано СЈО беше донесен со политичка одлука. Во Собраниие.

Нели Заев се пофали дека има двотретинско мнозинство? Нели цела влада е посветена на борбата против криминалот? Нели и новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски се оградува од криминалите на луѓето на Груевски за кои ги гони СЈО? Тогаш, зошто постоечкото реформско двотретинско мнозинство не изгласа закон со кој ќе му овозможи на СЈО да си ја заврши работата? Кога веќе ги собрало доказите за криминал.

Нели СЈО беше формирано токму за да ги истражи криминалите што произлегоа од бомбите? Нели се измисли Катица Јанева за да ги истражува бомбите затоа што Марко Зврлески не сакаше и не смееше да ги истражува? Нели бомбите кои ги објавуваше Заев беа причина за најголемата политичка криза во независна Македонија по војната во 2001? Сто Пржински преговори и договори се направија, осум месеци шетавме по улици, колку канти боја се потрошија за боење на Скопје 2014, колку дипломати од Америка до Европа се изредија да ја решаваат кризата, два пати избори се одложуваа, вратите на обвинителите им се затвараа, документи им се криеја, колку време токму Врховниот суд ја блокираше работата на СЈО со тоа што се обидуваше да не ги прифаќа бомбите како докази… Па и самата Катица Јанева бараше изземање на Јово Вангеловски баш затоа што го има во бомбите.

Причините поради кои беше формирано СЈО уште важат. Не сме виделе нови судии во Врховниот суд. Не сме виделе ни нови лица во Јавното обвинителство.

Заев се фалеше дека урнал режим со пенкало. Сега со пенкало ќе го урне и СЈО. А што е за право, да не беше СЈО тешко дека ќе паднеше и режимот на Груевски.

И така, кругот се затвори. Името го сменивме. Принципот за неказнување криминал не го сменивме.

3 Кога веќе се зборува за криминал, треба многу да се внимава да не се споменува ДУИ. Оти вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи е многу чувствителен ако името на неговата партија се поврзува со криминал. И веднаш се заканува со тужба.

Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e