Зошто Меси си замина од Барселона?

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Аргентинецот Лионел Меси (34), по повеќе од 20 години минати во каталонскиот фудбалски гигант Барселона заминува од клубот поради финансискиот „фер-плеј“.

Барселона во четврток вечер објави дека нема да потпише договор со клупскиот капитен поради „економски и структурни пречки“.

На Меси во јуни му истече договорот со Барселона и како слободен играч можеше да побара нов клуб, но желба на двете страни беше да ја продолжат соработката и аргентинскиот фудбалер да остане во клубот во кој дојде на 13-годишна возраст. За таа цел, Меси се согласи на двојно намалување на платата, а даде и согласност Барселона да го усогласи неговиот нов договор со правилникот за финансиски „фер-плеј“ на Ли Лига.

Сепак, тоа на крајот се покажа како неизведливо поради енормно високиот долг на Барселона, кој изнесува повеќе од една милијарда евра.

– И покрај тоа што ФК Барселона и Лионел Меси постигнаа договор и двете страни имаа јасна намера да потпишат нов договор, тоа не може да се случи поради финансиски и структурни пречки. Како последица на оваа ситуација, Меси нема да остане во Барселона. Двете страни длабоко жалат поради тоа што желбите на играчот и на клубот на крајот нема да бидат исполнети. Барселона изразува огромна благодарност до играчот за неговиот придонес и му посакува сè најдобро на личен и професионален план, соопшти Барселона.

Меси во Барселона дојде на 13-годишна возраст и дебитираше за првиот тим во 2004 година.

Во дресот на каталонскиот клуб Аргентинецот одигра 778 натпревари и постигна рекордни 672 голови во сите натпреварување.

Маси со Барселона освои десет шампиони титули во Шпанија, седум трофеи во шпанскиот куп и четири во Лигата на шампиони.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e