(ВИДЕО) Делириум во Франција – вака се славеше титулата

Во цела Франција до раните утрински часови френетично се прославуваше титулата светски фудбалски шампион. Славјето беше засенето од инцидентите предизвикани од помали групи насилни навивачи во повеќе француски градови, пишува Дојче веле.

Франција синоќа се претвори во огромна дискотека по победата на фудбалската репрезентација во финалето на Мундијалот во Русија против Хрватска со 4:2. Во главниот град Париз на оние 90 илјади луѓе, кои пред Ајфеловата кула заеднички го гледаа финалето, во прославата на титулата им се придружија десетици илјади други граѓани, кои весело играа и пееја.

Местата предвидени за прославата во Париз, околу Ајфеловата кула и пред Триумфалната капија, како и во Лил, Лион, Стразбур, Бордо и Марсеј и во помалите места во Франција беа исполнети со милиони луѓе. Покрај огнометот кај Ајфеловата кула, во чест на победата во финалето на СП се огласија и ѕвоната на катедралата Нотр Дам.

Повеќе од 110 илјади припадници на безбедносните сили беа распоредени во целата земја спроти финалниот натпревар. Во Париз, но и во Лион и Марсеј полицијата мораше да се справи со насилнички настроени навивачи, кои се закануваа да фрлат сенка врз величенствената прослава.

Безбесносните сили употребија солзавец и водени топови за да ги растурат групите навивачи на прочуената париска улица Шанзелизе, кои кршеа излози, ограбуваа продавници и фрлаа со камења и други тврди предмети врз полицајците. Слични инциденти имаше и во Лион и во Марсеј, каде, како што се јавува, биле уапсени 10 лица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e