Снајдер и Рибери останале без „Златна топка“ поради промените во форматот на гласање

Во текот на минатата недела, и официјално беше потврден разводот меѓу „Франс Фудбал“ и ФИФА, односно нивниот прекин на соработката кога е во прашање доделувањето на најпрестижното индивидуално признание, „Златната топка“.

По пет години пауза, „Франс Фудбал“ повторно ќе го има легитимитетот самостојно да ја доделува ценетата спортска награда за најдобриот играч во светот, но враќањето на стариот формат на наградата сега ни донесе и навистина интересни информации кои станаа и тоа како актуелни во светската јавност.

Имено, соединувањето на двете награди во 2010 година („Златна топка“ на Франс Фудбал и најдобар светски играч на ФИФА) всушност им донело привилегија на Кристијано Роналдо и Лионел Меси, фудбалери кои во 2010 и 2013 биле прогласени за најдобри само поради смената на гласањето за престижното признание. Во дадениот случај, најголеми губитници од променетиот формат кој беше актуелен во изминативе пет години се Весли Снајдер и Франк Рибери, кои во 2010, односно 2013 година ќе ја добиеја „Златната топка“ доколку за неа исклучиво одговараше „Франс Фудбал“ како што ќе биде случајот од оваа година.

Холанѓанецот и Французинот добиле најмногу гласови од светските новинари кои се вклучени во гласањето на „Франс Фудбал“ во 2010 и 2013 година, но сепак гласовите на националните селектори и националните капитени (правило кое го воведе ФИФА) ги направило победници Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Угледниот француски магазин со ова откритие посочи дека враќањето на стариот формат при доделувањето на „Златната топка“ ќе ја врати и неизвесноста и разновидноста на најпрестижното светско индивидуално признание, кое во изминативе години стана монотоно поради хегемонијата на големите ѕвезди на Барселона и Реал Мадрид.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e