(ВИДЕО) Русија прва во осминафинале на СП 2018

Русија е прв осминафиналист на Светското фудбалско првенство. По убедливиот триумф над Саудиска Арабија на стартот со 5:0, „зборнаја“ вечерва го совлада и Египет со 3:1 и осигура место во топ 16 фаза, само прашање е од која позиција во групата А.

Сите четири гола на „Крестовски“ стадионот во Санкт Петербург беа постигнати во второто полувреме. Серија ја отвори Фати со автогол во 47. минута на кого во листата на стрелци се надоврзаа Черишев во 59. минута и Ѕјуба во 62. минута. Единствениот за „фараоните“ беше дело на Мохамед Салах во 73 минута од пенал во првиот негов настап по финалето во Лигата на шампиони на 26 мај.

„Зборнаја“ го израмни рекордот на Италија од 1934 година

Не само што се проби до осминафиналето туку Русија го израмни и рекордот на Италија како домашна селекција што реализирала осум гола во воведни два меча на СП. „Аѕурите“ успеаја во тоа во 1934 година на турнирот на кој ја освоија титулата, а се играше по систем на елиминации. Италијанците во првото коло тогаш ги декласираа САД со 7:1 по што ремизираа со Шпанија (1:1). Бидејќи мрежите мируваа и во продолженијата, а пенали во случај на реми немаше, се играше повторен меч што му припадна на домаќинот со 1:0.

Русија – Египет 3:1 (0:0)

Стадион: „Крестовски“ во Санкт Петербург. Гледачи: 64.468. Гл. судија: Енрике Касерес (Аргентина). Асистенти: Едуардо Кардозо (Парагвај) и Хуан Зорилја (Парагвај). Ж. картони: Трезеге (Египет). Стрелци: Фати 47’ (автогол), Черишев 59’, Ѕјуба 62’ за Русија; Салах 73’ (п) за Египет.

Русија (формација 4-2-3-1): Акинфеев – Жирков (Кудрјашов 86’), Игнашевиќ, Кутепов, Фернандез – Газински, Зобнин – Черишев (Кузјаев 74’), Головин, Самедов – Ѕјуба (Смолов 79’). Селектор: Станислав Черчесов.

Египет (формација 4-2-3-1): Ел Шенави – Абдел Шафи, Хегази, Габр, Фати – Хамед, Елнени (Варда 64’) – Трезеге (Соби 68’), Саид, Салах – Мохсен (Кахраба 82’). Селектор: Ектор Купер.



ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e