Почнува ракометната Лига на шампионите во која Вардар ја брани титулата

Со натпреварот меѓу финскиот Кокс и шведскиот Савехов, од групата Ц, денеска (19 ч.) почнува новото издание од ракометната машка Лига на шампионите. Македонија и во ова издание ќе биде претставувана со две екипи, актуелниот европски првак Вардар и дебитантот Еурофарм, кои своите натпревари ќе ги играат викендов.

Вардар одбраната на титулата ја почнува в сабота (17.15 ч.) со гостување кај францускиот вицепрвак Монпелје, а Еурофарм Работник премиерата ќе ја има пред своите навивачи в недела (17 ч.) против португалскиот Спортинг.

Вардар во групата Б за ривали ќе ги има и тимовите на Веспрем, Кјелце, Мешков, Кил, Порто и Мотор. Еурофарм Работник ќе биде дел од групата Ц, од каде првите две позиции носат место во разигрувањето за осминафиналето. Покрај Савехов и Кокс кои почнуваат вечерва, тука ќе бидат и тимовите на Татран, Бидасоа Ирун и Спортинг.

Според ЕХФ прв фаворит за титулата европски првак е унгарскиот шампион Веспрем. Вардар и оваа сезона како и лани не котира високот во прогнозите на ЕХФ, која го смести на седмата фаворитска позиција. Втор фаворит е Барселона, следува францускиот ПСЖ, па германскиот Кил. На петтата позиција се најде полскиот Кјелце, а пред Вардар е и вториот унгарски тим Пик Сегед. Листата со десетте фаворити за титулата ја комплетираат Фленсбург, Монпелје и Мешков.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ