Милевски: Верувам дека ќе ја оправдаме фаворитската улога и ќе дојдеме до победа!

Македонија гостува кај Лихтенштајн во седмиот меч од овој мундијалски циклус во битка за прва победа на Благоја Милевски како селектор, но и за прв триумф после половина година и шест меча на официјалните мечеви (Еуро 2020 и септемвриските квалификации), но никој во македонската селекција не размислува дека само формално утревечер ќе се истрча на теренот и ќе се освојат трите бода.

Македонија е фаворит на мечот, победата е неопходна за да се остане во сериозната трка за второто место и баражот, после трите ремија минатиот месец, а последен пат победивме на официјален меч во март годинава со епската сензација во Германија, фаворитот кој во понеделник го чекаме во Скопје.

„Нема никаква формалност, мора да бидеме на највисоко ниво за успешен резултат. Овој меч ќе биде поинаков од сите претходни, не треба да се базираме на стадистиката. Нема притисок за тоа што сме фаворити, ама од тоа што го видов на тренинзите од концентрацијата и мотивацијата кај фудбалерите, уверен сум и верувам дека ќе ја оправдаме фаворитската улога на утрешниот меч“, вели Милевски.

Македонија во март го победи Лихтенштајн со 5-0, но оттогаш аутсајдерот во групата ги измачи и Романија и Германија, а на Ерменија ѝ зема бод со ремито 1-1.

„Лихтенштајн на последните мечеви, како со Германија и Романија, а посебно со Ерменија покажа дека е селекција која е цврста, која има исклучително тактичка дисциплина. Станува збор за квалитетен тим и тоа го покажа, па сето ова ни наметнува дека треба да бидеме на највисокото ниво за да победиме. Јас ќе бидам задоволен со три бода, а за тоа ќе ни треба и многу концентрација и многу труд на теренот, за да бидеме на највисокото ниво и со најголем квалитет да се избориме за тие три бода“, додаде Милевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e