Франција е првиот финалист на Мундијалот 2018!

Франција со гол на Самуел Умтити ја победи Белгија со 1-0 и се пласираше во финалето на Светското првенство во Русија. Избраниците на Дидие Дешамп ќе играат за втората светска титула во својата историја, откако првата ја освоија пред 20 години пред своите гледачи.

Првиот удар го упати Еден Азар кој шутираше покрај голот, а Белгија беше поактивната репрезентација на почетокот со неколку шанси пред францускиот гол. Франција ја бараше својата шанса преку брзоногиот Клиан Мбапе и долгите додавања од средниот ред до корпулентниот Оливие Жиру.

Опасните центаршути на Де Брујне беа вистински проблем за француската одбрана, која сепак се справи со сите опасности во првиот половина час. Французите се заканија преку Жиру кој биеше со глава по центаршутот на Павард, но неговиот удар беше млак и заврши покрај голот на Куртоа. „Триколорите“ подобро финишираа во првиот дел и имаа неколку полу-шанси.

Одбраната со три дефанзивци на Белгија беше ранлива, но сепак тоа не беше искористено од страна на противникот и на пауза се замина без погодоци. Моментот кој можеше да донесе промена на резултатот се случи во 40. минута кога Мбапе додаде до Павард, кој во дуелот еден на еден со Куртоа шутираше во неговата нога за корнер за неговата селекција.

Брзото темпо и отворената игра донесе брз погодок на стартот од вториот дел. Антоан Гризман центрираше одлично од левата корнер позиција, а на топката прв налета Самуел Умтити кој со глава донесе 1-0 за тимот на Дидие Дешамп.

Од тој момент играта целосно се префрли на половината на француската селекција. Кевин Де Брујне се обиде со удар од далечина, но неговиот удар заврши далеку над голот на Лорис. Францускиот селектор ја затвори играта и на местото на Жиру го внесе Стивен Н’Зонзи кој ја зацврсти средната линија.

Франција мудро се бранеше и ја користеше секоја прилика да го троши времето за на крај да и се израдува на победата и на пласманот во големото финале. Таму ќе го чека подобриот од утрешниот дуел помеѓу Хрватска и Англија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e