Здружението на новинарите на Македонија утре (први септември) во десет часот ќе организира протест пред Основниот суд Скопје 1 во знак на поддршка за притворениот новинар Зоран Божиновски, обвинет за шпионажа, злосторничко здружување и уцена.
Ги повикуваме сите новинари да се приклучат на протестот и заедно да му изразиме поддршка на колегата Божиновски. Во исто време сакаме да го осудиме прогонот на новинари, кој во Македонија се заканува да стане пракса.
Нема дилема дека Божиновски стана предмет на кривичен прогон поради неговата работа како новинар и поради неговите објавени злоупотреби за власта.
Тој е обвинет за тешки кривични дела затоа што власта преку злоупотреба на законите и институциите сака да ги затскрие вистинските намери, да замолчи еден новинар, да ги дисциплинира и заплашува останатите и да спречи јавноста да ја дознае вистината за начинот на нивното владеење.
Со ваквите судски процеси власта се обидува да ги дискредитира и девалвира сите новинари и сака да го наруши кредибилитетот на новинарската професија. Ваквиот прогон влијае негативно и на слободата на изразувањето и на слободата на медиумите.
На Божиновски му треба нашата поддршка. Тој ја заслужува нашата солидарност! – стои во соопштението од ЗНМ.