Жерновски: Средбата Пендаровски-Макрон е прилика да се афирмираат нашите позиции за европска перспектива

Македонскиот претседател Стево Пендаровски следната недела ќе оствари билатерална средба со неговиот француски колега Емануел Макрон во Париз. Конкретно на 12-ти ноември во Елисејската палата Пендаровски ќе има можност директно на иста маса, од шефот на француската држава да ги слушне ставовите на Франција за проширувањето и за новата методологија на преговарање.

По шокот со француската блокада за почеток на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија, институтите и тинк-тенк организациите во Брисел сѐ уште ги анализираат причините и последиците од неочекуваното вето на францускиот претседател Емануел Макрон.

Пендаровски исто како и премиерот Зоран Заев останува оптимист. Вели во наредниот период треба да добиеме посилен сигнал дали наскоро ќе може да се измени крајно неповолниот исход на последниот европски самит, пред сè  што Франција ќе промени во ставот, која беше против почеток на пристапните преговори со Скопје и Тирана.

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски оценува дека средбата се случува во еден чувствителен момент за земјава, но дека е од големо значење за довербата меѓу двете земји.

-Средбата се случува во еден чувствителен момент за нашата земја. Ја третирам како придонес во јакнењето на билатералната соработка и во градењето на довербата меѓу двете земји. Докажува дека Франција ќе продолжи да придонесува, со свој ангажман, во демократската трансформација на регионот. Веројатно ќе се разговара и за идните планови на Франција околу начинот на проширување на ЕУ, што е добра прилика да се разменат мислења и да се реафирмираат нашите позииции и очекувања од официјален Париз во поглед на нашата европска перспектива. – вели Жерновски за иПортал.

Премиерот Зоран Заев е среќен поради средбата на двајцата претседатели, на кои земјава уште еднаш ќе ги претстави своите аргументи. Вели дека тој барал средба со претседателот Макрон, а веројатно барал и претседателот Стево Пендаровски.

„Среќен сум што конечно висок наш претставник ќе се види со првиот човек на пријателска Франција и да се разговара за сите аргументи, за Макрон да ги разгледа ситуациите. Прашањето не е важно само за Северна Македонија, за Западен Балкан, туку и за Европа“, рече Заев пред неколку дена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e