Заев-Штајнмаер: 25 години дипломатски односи вложени во длабоко партнерство

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во рамките на официјалната посета на Сојузна Република Германија, денеска се сретна со претседателот Франк-Волтер Штајнмаер.

Премиерот Заев и претседателот Штајнмаер го оценија како исклучително позитивен и динамичен досегашниот развој на односите меѓу Р. Македонија и С.Р. Германија, и заеднички се согласија дека овие релации ќе продолжат и понатаму, и дека се од особено значење за претстојниот клучен период за Република Македонија.

Во годината кога се одбележуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи, длабокото партнерство меѓу двете земји е наградено со фактот што СР Германија е најважниот трговски партнер на Република Македонија, со вредност на трговската размена во висина од преку 3 милијарди евра.

Плодната соработка со С.Р. Германија ни ја потврдуваат и преку 200 компании што имаат воспоставено бизнис релации со македонските компании, додека компаниите што основаа свои фабрики во Република Македонија, отворија речиси 20 илјади работни места.

Претседателот на Владата на Рeпублика Македонија, Заев, и неговиот домаќин, претседателот на С.Р. Германија разменија мислења и за активната соработка во сферата на безбедноста и одбранбените политики, и членството на Македонија во НАТО. Претставници на Армијата на Република Македонија се дел од редовните обуки во армиските институции на С.Р. Германија, како и во заедничките мировни мисии. Особено беше истакнат ангажманот на македонските војници кои рамноправно и професионално ги извршуваат мировните задачи во рамки на мисијата во Авганистан, во рамки на германскиот контингент.

Премиерот Заев информираше дека, освен политиките за забрзување на евроинтеграциските процеси, напорите на Владата се фокусирани на спроведувањето на одржливи внатрешни реформи и за затворање на долгогодишни и длабоко чувствителни прашања со соседите.

Претседателот Штајнмаер додаде дека ги почитува напорите на Владата на Република Македонија и премиерот Заев и оцени дека се направени видливи и значајни промени во придвижувањето на земјата напред и спроведување на реформите.

Решение на спорот со Грција, оцени Штајнмаер, ќе даде позитивен импулс за целиот регион и значително ќе влијае на стабилноста.

Фокусот е да се гради нов дух во нашите односи, да се отвори дијалог за решавање на нерешените прашања, да се изградат мостови за соработка базирани на взаемна доверба и почит, истакна на средбата премиерот Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ