Заев: Очекуваме позитивна одлука за преговорите со ЕУ

Премиерот Зоран Заев денеска, на дводневната конференција на почесни конзули на Р.С. Македонија акредитирани во странство, порача дека многу земји зборуваат позитивно за Република Северна Македонија.

„Го подобривме нашиот имиџ како држава која гради пријателства со своите соседи. Ние сме следната членка на НАТО, што е многу важно за нашиот регион кој е мултиетнички. НАТО значи поголема стабилност и подобра безбедност, истовремено значи и зголемен број инвестиции и за Северна Македонија и за регионот. Очекуваме најдоцна до крајот на неделава да добиеме позитивна одлука за преговори со ЕУ, конечно по 14,5 години чекајќи одлука за почеток на пристапните преговори“, истакна тој.

„Изминатите две години, потсети, најдовме решенија за сите билатерални прашања. – Ние сме пријатели со сите. Ние сме  единствена земја во регионот која нема отворени билатерални прашања. И секако тоа дава идни можности за подобра соработка во регионот. Но, исто така ги охрабрува и другите земји, од другите региони во светот да ја продолжат добрата соработка со нашата земја“, додаде Заев.

Смета дека за секој инвеститор се многу важни сигурноста, стабилноста, безбедноста. Тоа, како што рече, е минимумот што тие го очекуваат доколку одлучат да отворат инвестициски процес тука и да остварат профит.

„Ние сме во процес за влез во НАТО. Секако, очекувањата се дека кон почетокот на следната 2020 година ќе бидеме член на НАТО и секако Европската Унија за нас значи поголема трансформација во правец да бидеме подобра демократска земја, со повеќе европски вредности, каде владеењето на правото ќе сјае, каде образовниот систем ќе ја подготвува идната генерација за да биде квалификувана за потребите на пазарот, подобра едукација, подобра култура“, посочи Заев.

Додаде дека нашите интереси како земја се да имаме повеќе работни места, подобар извоз на нашите производи…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e