Заев: На 30 септември ставете ја вашата најубава насмевка и излезете за иднината на европска Македонија!

„Блиску сме до остварување на сонот. Ни остана само уште последната делница од патот. Уште едно патување: Нашето заедничко патување до остварување на сонот за европска Македонија“, истакна премиерот Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.

Во својот говор тој потенцираше дека членството во НАТО е нашата сигурна иднина, иднина на безбедност, стабилност и мир. Членство  во сојуз за иднина во која никој не може да ги загрози границите на Македонија, рече Заев, и додаде:

„Патриотизам е да ја осигураме иднината на нашата земја и нашите деца, Tука создаваме можности за нашите синови и ќерки – во Македонија. Тоа e патриотизам. Патриотски е да се осигураме дека нашата следната генерација има иднина тука, дома!“

За таквата иднина е постигнат договорот со Грција, рече премиерот Заев, и нагласи дека во таа иднина, како и досега, се потврдува дека влегуваме во НАТО и ЕУ како Македонци и Македонки кои зборуваат македонски јазик.

„Гордата македонска земја се здоби со целосно признавање на нашиот народ, нашиот јазик, нашето наследство. Нашиот јазик е заштитен. Нашиот идентитет е обезбеден засекогаш. Во четвртокот, одржав говор во Европскиот парламент.Одржав говор во срцето на Европската Унија на македонски јазик. На нашиот македонски јазик, кој ќе биде официјален јазик на Европската унија“, потенцираше премиерот Заев.

Тој порача дека сега е време сите да излеземе да гласаме и дека нема друг да ни ја заврши работата. Граѓаните се архитекти – градители на македонската иднина – секој граѓанин на 30 септември да стави по една тула во иднината на европска македонија!

„Нема коцкање со нашата иднина! Никој не може да си дозволи да остане настрана. Затоа ве повикувам: Сите имаме јасна и конкретна, граѓанска и родителска должност. Македонија ќе оди напред само доколку и јас, и вие, и вашите најблиски, комшии, пријатели – сите заедно, да излеземе и гласаме на 30-ти септември“, рече премиерот Заев и додаде дека нашата земја и нашата иднина не се на ВМРО или на СДСМ, и дека таа и нејзината иднина им припаѓаат на сите нејзини граѓани!

Премиерот Заев им порача на сите граѓани, на Македонците, Албанците, Србите, Бошњаците, Ромите и Власите, и на сите други:

„Да го направиме 30 септември свечен ден. Облечете ги вашите најубави облеки, ставете ја вашата најубава насмевка, во едната рака земете го вашиот најмил или најмила, а во другата – иднината. Такви убави, најубави, излезете на вашето референдумско место и гласајте горди за нашата земја, за вашата и за иднината на вашите деца и идните генерации. Секој ваш глас е битен“, нагласи Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.

Во својот говор тој се обрати и до опозицијата и повика да бидат закопани политичките и индивидуалните суети, и да повикаат да се излезе и да се гласа за европска Македонија

Во завршницата на својот говор премиерот Заев дека да се излезе на референдумското место на 30 септември е избор за семејство на ЕУ и НАТО или избор за изолација и целосна неизвесност. За небиднина!

„Тоа е избор за сигурност и безбедноста, или избор за немир и нестабилноста.Тоа е избор за раст на економијата или за стагнација. Тоа е избор за исполнување на нашиот сон од иднината – иднината за нашите деца, внуци и за сите идни генерации. Гласот на 30 септември е глас за иднината на наша Македонија“, порача премиерот Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e