Во Буџетот на Министерството за економија за 2020. за гасификација 120 милиони денари

Со буџетот на Министерството за економија за 2020 година што е предвидено да изнесува 591 милион денари, за гасификација се предвидени 120 милиони денари. Под надлежност на овој ресор со измените на Законот за енергетика од следната година преоѓа АД Национални енергетски ресурси кое што е надлежно за изградба на гасоводниот систем.

– Продолжуваме со гасификацијата на Северна Македонија, моментно имаме одлична искористеност на средствата и реализација од страна на МЕР и јас сум убеден дека наредната година ќе почнеме и со нови прокети, вклучувајќи го тука и многу важниот проект – интерконекторот со Грција, рече денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерството за економија, потенцираше, работи на создавање услови за развој на индустријата, развивање на претприемништвото, креирање и интеграција на единствен пазар во ЕУ, обезбедување енергетска стабилност и сигурност, истражување, експлоатација и одржливо искористување на минералните суровини, развој на туризмот со подобрување на стандардите на туристичката понуда.

Бектеши најави дека следната година е предвидено да изработат стратегија за индустриска политика, бренд стратегија за туризам, како и активности за спроведување на стратегијата за општествена одговорност, а за сите три стратегии се планирани над 44 милиони денари.

Со над 130 милиони денари, пак, ќе се субвенционираат манифестации, проекти и во форуми во областа на туризмот, ќе се поддржува домашниот туризам за работници со ниски приходи и општините за изработка на локални стратегии за развој на туризам.

-Најголем дел од поддршката што ќе се доделува преку Министерството за економија е во делот на енергетиката, потенцираше Бектеши.

Со пет милиони денари и догодина државата ќе надоместува дел од трошоците за вградување термални колекторски системи во домаќинствата, за купување ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата ќе одвои 25 милиони денари, а 30 милиони денари за набавка на печки за греење на пелети за домаќинствата. За субвенционирање на вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, пак, се планира да се одвојат 20 милиони денари.

Бектеши најави дека во областа на туризмот ќе продолжат со мерката за поддршка на домашниот туризам и оти се предвидени 20 милиони денари за издавање потврди за работници со ниски приходи. По тој основ се планира да бидат субвенционирани речиси 1.600 граѓани.

За субвенции за приватни претпријатија треба да се потрошат 36 милиони денари, кои ќе се поделат за поддршка и развој на занаетчиството, за кофинасирање проекти за развој и поддршка на мали и средни претпријатија и промоција на претприемништвото, за фирми во сопственост и управувани од жени, за воведување ХАЛАЛ систем, како и за реализација на Програмата за заштита на потрошувачите за 2020година.

-Активностите на Министерството за економија се насочени кон продлабочување на мултилатералната и билатералната соработка, либерализиран трговски режим и создавање соодветна регулаторна рамка во согласност со стандардите на ЕУ и барањата на СТО, развој на инвестициите и подобрување на конкурентноста на македонската индустрија, развој на енергетиката, регулирање на внатрешниот пазар, меѓународните трговски односи и промоција на извозот, искористување на природните ресурси, како и хармонизација на законодавството, најави Бектеши.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ