ВМРО ДПМНЕ излажа дека Филипче по трагедијата во Тетово одморал во Грција

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на 19 септември, сакајќи да го девалвира министерот за здравство, Венко Филипче, го соопшти следното:

И во криминалот и во одморот се заедно, Венко Филипче и семејството Заеви, Зоран и Вице. Видовме од фотографиите по социјалните медиуми дека за Филипче и Заев поважни се грчките плажи од животот на 14-те изгорени во Тетово. Но, затоа десетина дена по случајот во Тетово, каде изгоре модуларната болница, ниту има детали за починати, ниту нивен идентитет…

[Извор: Сител телевизија;Датум: 19.09.2021]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ваквото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ следуваше откако на социјалната мрежа Твитер, на 18.09.2021 година се појавија фотографии од министерот за здравство, Венко Филипче и бизнисменот Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, како одмораат на плажа во Грција. Профилот на Твитер, кој ги сподели фотографиите, тврди дека Филипче и Заев биле на одмор „минатиот викенд“ (12-13 септември).

Фотографијата експресно ја пренесоа некои портали како Лидер и Република.

По ваквите објави со своја реакција се јавија од владејачката СДСМ од каде нагласија дека фотографиите со Филипче и Заев биле стари и злоупотребени за манипулација.

Деновиве капитулираше центарот за манипулации на ВМРО-ДПМНЕ во очај, фотографии од пред две години ги објавуваат како сегашни, за да пласираат соопштенија преку кои безобразно лажат. Подмолноста и деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски го достигнаа врвот. Уште еднаш се потврди дека за оваа партија ниту се важни граѓаните, ниту е важен здравствениот систем, ним им е важно само да се обидат да спечалат некаков ситен политички поен дури и во време на големи несреќи, пренесе Фактор.

Со реакција повторно се јавија од ВМРО-ДПМНЕ:

Браќа по одмори и браќа по криминал. ВМРО-ДПМНЕ не е извор на фотографиите на Вице и Венко од грчките плажи, но е извор на несомнениот заклучок дека се бизнис ортаци, нешто што го призна самата партија. Добро е што СДСМ ја призна нивната автентичност, а тоа покажува какви криминални врски има кланот Филипче-Заев. Токму затоа цела влада се крена да го брани Филипче, кој е директно одговорен и надлежен на изгорената болница каде загинаа 14 лица. Вице Заев и Венко Филипче се лице и опачина на криминалот на оваа власт.

Точно е дека СДСМ ја призна автентичноста на фотографиите, но, исто така, рекоа и дека фотографиите се од пред две години, а не од „минатиот викенд“, што ВМРО-ДПМНЕ првично го злоупотреби за да ја манипулира јавноста дека министерот за здравство по десетина дена од трагичниот пожар во Тетово одморал на плажа во Грција.

Дека фотографиите со Филипче и Заев се стари неколку години, за „Вистиномер“ потврдија и од кабинетот на министерот за здравство.

Имајќи го сето ова предвид, тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека „Филипче по десетина дена од пожарот во Тетово одморал на плажа во Грција“, го оценувааме како невистинито.

Оцени: Ана Анастасовска Вистиномер

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e