ВМРО-ДПМНЕ бара нова вонредна состојба

ВМРО-ДПМНЕ бара од претседателот Стево Пендаровски нова вонредна состојба поради зголемениот број на заболени и починати од КОВИД 19. Подготвени се за разговори и средби, но не лицитираат со датуми за избори, бидејќи тоа за нив е ризик и играње со здравјето на граѓаните.

Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев на денешната прес-конференција рече дека е потребно продолжување на вонредната состојба затоа што има здравствена криза, а непрогласувањето на нова вонредна состојба, ќе го сметаат за политичка одлука на Пендаровски донесена под притисок на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

– Бројките покажуваат дека државата не излегла од корона кризата, туку дека таа се продлабочува и нова вонредна состојба мора да има. Поради негрижата на Владата на Заев и Спасовски досега имаме 169 починати, 3.538 заразени, повеќе од 15 илјади граѓани ги загубија рабтните места и се уште е непознат бројот на новозаразени, истакна Јанушев.

Тој го повика претседателот Пендаровски да се издигне над, како што рече, притисоците од Заев.

– Немате обврска да му служите на Заев, но имате обврска, уставна и морална, да го штитите здравјето на граѓаните, рече Јанушев.

Генералниот секретар на ВМДО-ДПМНЕ додаде дека како партија се отворени за консензус и разговори без разлика во кој формат би биле средбите, но оти за нив е најважно здравјето на граѓаните.

– Лицитирањето со датуми во овој момент кога имаме огромен раст на новозаболени и на починати е всушност лицитирање со здравјето на луѓето. Тоа нема да го правиме, порача Јанушев, додавајќи дека за да излезат со датум треба да има нормализирање на состојбата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e