Влада: Домаќинствата ќе имаат струја и парно

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, на денешната прес-конференција информираа за донесените одлуки и заклучоци од 85-та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите. На прес-конференцијата присуствуваше и Виктор Андонов, соработник за енергетика во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија кој информираше и одговараше на прашања од новинарите на тема енергетика.

Како што беше информирано на прес-конференцијата, Владата на вчерашната седница одобри 1,1 милијарда денари на АД ЕСМ за набавка на енергенси пред почетокот на грејната сезона, согласно Одлуката за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

Со оваа и со сите други активности што се преземаат, граѓаните ќе имаат непречено снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона. Ресорните институции, како што беше истакнато, се во постојана координација за да се обезбедат потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени, сѐ со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. На таков начин ќе се дојде до најдоброто решение што би спречило ценовен шок и поскапување на парното. Владата, како што истакнаа портпаролите, е одлучна во справувањето со последиците од економската и енергетска криза предизвикана од глобални трендови.

На прес-конференцијата беше информирано дека на вчерашната седница, беше разгледан и планот на АД „Водостопанство“ за зголемување на приходите за 10 проценти и намалување на расходите за 20 проценти, со цел надминување на проблемите со ликвидноста во оваа друштво. Следствено, донесен е заклучок со задолжување на Управниот одбор да го раскине менаџерскиот договор со директорот и во иднина сите нови договори да се склучуваат со претходна согласност со Министерството за финансии.

Надоместоците за членовите на Управниот одбор, како што беше одлучено, во наредните 12 месеци е во план да се намалат за 50 проценти. Во насока на намалување на расходите, како што беше истакнато, Владата го задолжи АД „Водостопанство“ да ги намали капиталните инвестиции во износ од 100 милиони денари со што се намалува финансискиот план за износот што е предложен од нивна страна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e