Претседателот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, преку видео порака ги поздрави учениците и им го честиташе почетокот на новата учебна година.
Еве што изјави лидерот на СДСМ:
“Драги ученици,
Утре почнува новата школска година – бидете посветени, учете, истражувајте, другарувајте. И требате на Македонија! Вие сте и сегашност и иднина. Бидете гласни, вашата креативност и критичност ќе направи и ние возрасните да учиме од вас.
Драги родители,
Да ги поддржиме нашите деца! Да им бидеме ветер во грб за да извлечат максимум од нивните дарби и таленти. Да се здружуваат, да обединуваат.
Наша обврска е да го менуваме она што гледаме дека не е добро!
Ви ветувам дека заедно ќе изградиме систем каде знаењето, вештините, здравјето и безбедноста на децата ќе бидат на прво место.
Драги наставници и професори,
Учејќи ги децата, вие го градите темелот на оваа земја. Затоа, вие мора да имате и ќе имате пристојни услови за работа и достоинствена плата.
Вам ви е доверено највредното што го имаме – нашите деца.
Ве уверувам,
Доаѓа време без трауми од контроли и лоши екстерни тестирања.
Доаѓа време на креативност и слобода на изразување!
Промените заедно ќе ги дочекаме уште оваа учебна година.
Со успех!”