(ВИДЕО) Заев на средба со извршната директорка на Светска Банка Георгиева, Еве за што разговараа

Македонскиот премиер Зоран Заев, кој од денеска престојува во Софија, Република Бугарија, по повод Самитот на ЕУ за Западен Балкан, оствари средба со Извршната директорка на Светска Банка, Кристалина Георгиева.

Заев и Георгиева изразија заедничко задоволство од досегашната соработка и аранжманите меѓу РМ и Светска банка, особено во делот на поддршката на банката во финансирањето на инфраструктурните проекти како што е рехабилитацијата и реконструкцијата на регионалните и магистралните патни правци.

Посебно внимание посветија на идните планови за соработка.

Заев ја покани Светска Банка да земе учество во Инструментот Рамка за инвестиции на Западниот Балкан (Western Balkans Investments Framework, WBIF), со нагласок на проектите во транспортот и енергетиката.

Во таа насока премиерот ги елаборираше проектите за енергетска независност и за борба против аерозагадувањето за што е предвидено Владата на РМ, со поддршка на банката, да формира Фондови за енергетска ефикасност и за борба против загадувањето.

Претседателот на македонската влада и Извршната директорка на Светска Банка се согласија дека во таа насока се добредојдени финансиските аранжмани кои ја препознаваат иднината за енергетска независност со поддршка за нови капацитети за обновливи енергија, особено во делот на фотоволтаичните електрични централи

Извршната директорка на Светска Банка, Кристалина Георгиева истакна дека оптимизмот, реформите и развојот на Република Македонија во минатата година се препознаени и изрази подготвеност банката да ги земе предвид и другите проекти како што се иницијативите за трговија и транспорт од стратегијата за поврзување на Западниот Балкан што произлезе од Берлинскиот процес.

На средбата беше искажан взаемен интерес Светска Банка да ги поддржи проектите поврзани со локалниот економски развој на општините во Република Македонија за поголема финансиска самостојност на општините и за создавање на услови за економски раст на локалните самоуправи.

Георгиева истакна дека банката е подготвена, заедно со институциите во земјата да изготви студија за темелна проценка на идентификација на потенцијалите на Република Македонија за економски и општествен раст, која може да биде основа за идната стратегија за раст и за креирање нови работни места.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e