(ВИДЕО) Како се одвиваше случајот „Пуч“

Зоран Заев ми призна соработка со странска разузнавачка служба и ми се закани дека ќе почне да објавува прислушувани разговори од политичкиот врв доколку не прифатам формирање техничка влада.
Ова го истакна тогашниот премиер Никола Груевски и најави дека е поднесена кривична пријава против 5 лица, меѓу кои и Заев, за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.
Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња и Бранко Палифров, службеник во Општина Струмица, веќе беа во притвор, а истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција се прошири на уште двајца вработени во МВР, Ѓорги Лазаревски и на Ѕвонко Костовски кој постигна спогодба со Обвинителството и го призна делото за кое доби 3-годишна казна затвор.
За да се поткрепи тезата за уцени од Заев, во јавноста протече снимка од Кабинетот на Груевски на која наводно се слуша како Заев потврдува дека станува збор за странски служби.
Во меѓувреме Заев почна да ја објавува „Вистината за Македонија“, т.н. бомби за кои тврдеше дека произлегуваат од власта која со години вршела незаконско прислушување на над 20 000 лица од различни профили.
Според Груевски пак, снимањето го вршеле професионалци од висок калибар, кои биле високо обучени за такви дејствија.
„Снимано било со тактичка опрема, откако Зоран Заев упати закани кон мене, МВР ангажираше странски експерт кој докажа дека непознат сторител во Скопје нелегално снима разговори. Локацијата на снимањето се менувала во радиус од околу 2 километри, но главно се одвивала низ Центар околу државните институции“

Обвинението за „Пуч“ беше поднесено на 30 април 2015 година. Предметот ѝ припадна на судијката Љубинка Башевска, а обвинетите седнаа на обвинителна клупа на 5 август, но Заев не се појави во Судот.
По формирањето на Специјалното јавно обвинителство, обвинетите и одбраната бараа предметот да го преземе Катица Јанева. СЈО го доби предметот, но се соочи со проблем уште на самиот почеток – Судот го отежнуваше увидот во доказите. Неколку месеци на барање на Јанева Судот ги одложуваше рочиштата, но не му дозволи на СЈО да ги земе и да ги анализира доказите, туку обвинителите требаше да доаѓаат во Судот.
По општиот прекин на сите кривични постапки кој настана со аболицијата што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов, беше запрена и судската постапка за „Пуч“ бидејќи беа помилувани сите обвинети во случајот. Аболицијата беше повлечена, а предметот се врати во Кривичниот суд.
Иако Јанева беше подготвена да го соопшти ставот на Специјалното јавно обвинителство во однос на обвинението, прво поради болест на судски поротник, а потоа и поради тоа што судски поротник немал безбедносен сертификат, беа одложени последните две главни расправи. На нив не беше повикан Никола Груевски – единствениот сведок во процесот, иако Јанева го бараше тоа.
„Исто така, реагирав на тоа дека мојот сведок Никола Груевски не беше повикан на денешната главна расправа. Судот сметал дека тоа не е потребно на оваа главна расправа“.
Специјалното јавно обвинителство уште во декември минатата година најави дека наскоро ќе информира за работата по повеќе предмети на кои работи, меѓу кои и за предметот „Пуч“, а денеска и официјално објави дека го повлекува обвинението.
Извор: 24 Вести

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e