(ВИДЕО) Груевски, четврти азилант кој ја „победил“ стоп-Сорос програмата на Орбан

Груевски е само четврти азилант кому Унгарија му одобрила статус на бегалец под меѓународна заштита, откако од први јули, владата на Орбан ја воведе таканаречената Стоп сорос програма за мигранти, вели унгарската пратеничка Бернадет Сзол, пренесува Телма.

Таа во изјава за унгарските медиуми навела дека за помалку од 5 месеци, вкупно 165 бегалци аплицирале за азил во Унгарија, 96 биле отфрлени и прекинати, а само 4-ца од кои поранешниот македонски премиер успеале да ги убедат унгарските власти да им дадат засолниште (откако беше уведена таканаречената стоп сорос програма за мигранти). Информациите ги соопштила унгарската канцеларија за миграција и азил, но не навела чии државјани се азилантите и дали Груевски е единствен од Европа.

Канцеларијата за азил на пратеничката Сзол не и дала повеќе детали за интервјуто на Груевски со имиграциските служби бидејќи станувало збор за доверливи информации и лични податоци на азилантот. Таквата процедура е согласно меѓународните правила за азил.

Пратеничката Сзол е дел и од опозициската иницијатива која во унгарскиот парламент ќе се обиде да иницира анкетна комисија за Груевски затоа што сметаат дека владата на Орбан ги прекршила законите со давање азил на осуден криминалец по кој е распишана меѓународна потерница.

Орбан пак во вчерашно интервју тврди дека азилот е даден во законска процедура затоа што Груевски тврдел дека е жртва на судско политички прогон. Унгарскиот премиер ја искористи приликата да го спомне и Сорос, затоа што смета дека организации подржани од Сорос ја критикуваат одлуката за Груевски. За Орбан, Груевски е пријател кој подигнал ограда на границата и ја спасил и Унгарија од мигрантите, а азилот сега му е помош.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вели дека треба законите и принципите да се почитуваат еднакво за сите и во сите земји.

-Одлуката е парадоксална. Владеењето на правото не важи само за нас, туку за целата унија. Ќе продолжиме да го почитуваме овој принцип. Многу е важно за нашите граѓани и ќе бараме на легален начин да ги убедиме нашите унгарски пријатели дека владеењето на правото е посилен принцип од законот на владетелот, рече Никола Димитров во Солун по самитот на 4 земји на југот на Балканот.

Димитров вели дека дека во заклучоците на Советот на ЕУ стои „се бараат одговорности за индикациите за кривични дела кои произлегоа во врска со прислушуваните разговори“. Груевски е осуден за таков случај, но и покрај се успеа да добие азил во земја на Европска Унија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e