(ВИДЕО) 360˚Царовска: Реформата во системот за социјална заштита никако не е предреферендумски поткуп

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во интервју за „360 Степени“ одговараше на прашање за тоа дали најавата за реформа на системот за социјална заштита и зголемување на надоместоците е предреферендумски поткуп на гласачите.

– Ова е најавено уште од првиот момент, во првото мое интервју, зошто се тркам за да стигнам до министерската позиција, она коешто во интервјуа пред неколку месеци, уште пред да биде најавен референдумот, го кажав е дека во септември јас морам да објавам дека во октомври морам да имам ЕНЕР дискусија за да може еден закон да влезе во владина процедура, морам да имам три дебати, треба да влезе во владина процедура којашто има рок од 20 дена минимум, па после да има собраниска процедура и законот да биде донесен до ноември, за да имам рок од 1 месец да ги преведам сите корисници од моменталните права во новите права и да почне од 1 јануари 2019 година – вели Царовска.

Значи ова не е предреферендумски поткуп?

– Никако не е предреферендумски поткуп, јас не го ни чувствувам така, затоа што ова им беше најавено на граѓаните од парламентарна говорница многу одамна, јас во интервју го кажав и велам дека тоа е главната заложба, тоа е носечки столб на програмата на Владата за живот во Македонија. Тоа е третата глава која навистина многу значи за граѓаните. Тоа е вистинското враќање на парите кон граѓаните – рече Царовска.

Таа рече дека е недозволиво да се мешаат државата и партијата и даде пример дека тоа не се случува сега бидејќи не користи службени возила кога учествува во кампањата за референдумот. Царовска рече дека во кампањата учествува и како граѓанин и млада личност којашто сака да остане да живее во Македонија и затоа смета дека референдумот треба да успее.

Таа ја објасни реформата преку пример на типично четиричлено семејство со двајца невработени работоспособни родители кое ќе прима 10.600 денари.

– Тоа значи дека тоа семејство ќе ја прима основицата за сиромаштија – некаде околу 6.800 денари, а дополнително ќе ги има детските додатоци – детски и образовен додаток, доколку има две деца во основно и во средно училиште, и енергетски додаток. Тоа се двајца невработени коишто се работоспособни, што значи дека и двајцата ќе бидат вклучени во активација – преквалификација, доквалификација, и ако станува збор за долгорочно невработени – психосоцијална поддршка за да може да се вратат основните вештини за комуникација на работно место – рече Царовска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e