ТВ 24: Кому и како се делеле европските пари, Македонија под истрага

Европската комисија праќа тим на ревизори во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, дознава Телевизија 24.
Ревизијата е најавена да се спроведе во јуни годинава. Предмет како што дознаваме се ИПАРД програмите 2007-2013 и 2014-2020 година, поточно последните пет финансиски години. Според информациите до кои дојде Телевизија 24, во фокусот на ревизијата ќе биде менаџментот, контролите, системот на санкции, но со ревизијата е можно да бидат опфатени и сите мерки од двете ИПАРД Програми.
Како што дознаваме, главната цел на истрагата е да се покаже дали системите на менаџментот, контролите и санкциите спроведени во земјава, во врска со ИПАРД Програмите, се во согласност со европските легислативи и договорот меѓу Македонија и Европската Комисија.
Според информации на телевизија 24, Европската комисија побарала  македонската Платежна агенција да и прати одредени податоци поврзани со мерките од ИПАРД програмите. Поточно, податоци во врска со селекција на проектите, направени проверки на лице место, информации за исплатени проекти, број на проекти, имиња на добитници на проекти, вкупно исплатена сума од европските пари, датуми на апликации, одобрени на проекти и друго. Овие податоци Агенцијата требало да ги достави до Европската комисија најдоцна до 17 феврурари годинава.
Телевизија 24 побара став од Агенцијата, дали ги пратиле податоците, но до почетокот на вестите не добивме одговор. Според информации на телевизија 24, тимот што доаѓа од Европската комисија побарал Агенцијата да овозможи потребните вработени да бидат достапни во текот на ревизијата, а дополнително да обезбедат и транспорт за претставниците од Европската комисија да можат во текот на ревизорската мисија да ги посетат корисниците на ИПАРД програмите..
Минатата година Европската Унија започна истрага во Македонија за злоупотреба на 200 илјади евра пари од ИПАРД програмата во делот за набавка на механизација. Станува збор за два одделни случаи за кои лани од македонската финансова полиција изјавија дека случaите се во јавното обвинителство во Скопје, а во истрагата биле вклучени и Интерпол. Досега од македонска страна нема епилог од  истрагата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e