Сугарески на средба со Жбогар разговараа за проектите поддржани од ЕУ

Mинистерот за транспорт и врски,  Горан Сугарески оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.

На средбата се разговараше за проектите што се реализираат во Република Македонија со поддршка на Европската Унија, со посебен акцент на проектот за изградба на автопатната делница Демир Капија-Смоквица на Коридор 10.

Министерот Сугарески го информираше амбасадорот Жбогар за прогресот на активностите за завршување на овој капитален проект,  при што потенцираше дека изградбата ќе се движи во рамки на предвидените рокови. Исто така министерот информираше дека преку законски измени, олеснети се постапките за ставање на автопатот во функција.

“Денеска имав плодна средба со евроамбасадорот Жбогар. Разговаравме за проектите што се поддржани од Европската унија и нивната реализација. Ние како Влада максимално сме посветени на реализација на таквите проекти, бидејќи поддршката што ни ја овозможува Европската Унија е од огромно значење за економскиот развој на Република Македонија. Како Министерство за транспорт и врски задоволство ни е што имаме таков партнер и се надевам дека ваквата соработа ќе продолжи и во иднина”, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

На средбата се разговараше и за изградба на железницата на Коридор 8, проектот за реконструкција на 10-те железнички станици на Коридор 10 и Коридор 10 д  како и изградбата на експресниот пат Градско-Дреново втора фаза која е финансирана со грант од Европската Унија.

Министерот Сугарески изрази целосна подготвеност за продолжување на соработката меѓу Владата на Република Македонија и Европската Унија, посебно во реализација на инфраструктурните проекти што се од особено значење за Република Македонија.

Тој изрази благодарност до евроамбасадорот Самуел Жбогар за заложбите и поддршката на Европската Унија кон Република Македонија.

Двајцата соговорници се согласија на интензивирање на  понатамошната соработка, посебно во делот на подобрување на инфраструктурата во државата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e