Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на настанот вечерва по повод чествувањето на 21 Декември – Денот на турската настава, органиизран од МАТУСИТЕБ – Сојузот на турските невладини организации во Република Северна Македонија под покровителство на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА на кој присуствуваше и претседателот на Собранието на Република Турција, Мустафа Шентоп.
Според Спасовски, печатот на вековното заедничко живеење и опстојување, меѓу другото манифестиран не само во заедничките културни традиции и историјата, туку и во отворената и искрена поддршка што турската етничка заедница и Република Турција ѝ ја даваат во континуитет на нашата држава, во сите овие години на самостојност, сведочат за нашето цврсто и нераскинливо пријателство, кое како залог оставен од нашите предци, треба да го чуваме, негуваме и унапредуваме.
-Ако се бара пример за квалитетен соживот, за меѓуетничка толерантност, уважување и негување на различноста, тогаш сосема сигурно таков би бил примерот изграден од вековното искуство на заедничко егзистирање меѓу турската и македонската етничка зедница овде, во Република Северна Македонија. Токму таквото заедништво, пак, препознаено и прифатено и од Република Турција, овозможи во неа да имаме кредибилен, доследен и принципиелен поддржувач, со кого споделуваме многу заеднички цели, но и предизвици, рече Спасовски.
Ова се однесува особено на патот на нашето евроатлантско интегрирање, но и во делот на криерирање општество за сите, општество што ќе почива врз модерните културни, социјални, економски, образовни и политички стандарди и вредности, додаде министерот за внатрешни работи, а турската етничка заедница во земјава, вели, претставува мостот кој што силно нѐ поврзува и обединува во остварувањето на заедничките интереси и цел.