Скопје вечерва нема да спие: „Бела ноќ“ по 15. во главниот град

Концерти, изложби, кино и театарски претстави, 3Д-видеомапинг и уште многу други забавни активности ќе бидат дел од денешната 15. јубилејна „Бела ноќ“ во Скопје. Како дел од годинашната програма, на платото пред Универзалната сала ќе се одржи концертот „50 години Скопски“, кој ќе почне во 20 часот. Во придружба на „Биг Бенд“, скопјани ќе имаат прилика да уживаат во најголемите хитови од „Скопски фестивал“ со настапите на Драган Мијалковски, Славе Димитров, Верица Ристовска, Лидија Кочовска, Сашо Гигов, Ѓоко Таневски, Сара Мејс и „Ај кју“.

Победниците на натпреварот во видеомапинг на „Скопје лајт арт дистрикт 2019“, Французите Џереми Ури и Милош Лисински, својата визуелна уметност ќе ја отсликаат на фасадата на катната гаража „26 Јули“.

Во Младинскиот културен центар (МКЦ), како дел од 9. издание на фестивалот „НЕкултура“, посетителите ќе се забавуваат со прочуеното британско електронско дуо „Параноид Лондон“, но и со домашните „Плутос даут“, „Сетстат“, „Барум барум“ и останатите артисти и диџеи кои ќе бидат дел од фестивалот.

Во МНТ за 22 часот е закажана премиера на претствата „Круг“ во режија на Наташа Поплавска. Претставата ја отвора вечната тема – потрагата за љубов, наспроти потребата за секс. Во главните улоги ќе ги видиме македонската актерка Дејана Попоска, која живее и работи во Париз, и италијанскиот актер Јакопо Гaрфањоли. Претставата е забранета за помлади од 18 години.

Националната опера и балет ќе одбележи свој јубилеј, 70 години постоење со делата „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“.

Во рамки на „Бела ноќ“ ќе се одржат многу изложби, настани, претстави, концертни настапи во живо. Публиката ќе може да ги посети Културно-информативниот центар, Театар Комедија, Музејот на македонската борба, Галерија 8 во Старата чаршија, паркот „Ибни Пајко“, Мала станица, Градското кино „Милениум“ и Музејот на современа уметност. Градските власти најавија привремен сообраќаен режим во Скопје поради одржувањето на оваа манифестација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e