Скопје и Тирана се збратимија

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, денеска во Тирана потпишаа Спогодба за соработка меѓу двата града, со што тие официјално се збратимија.

Градовите ќе разменуваат искуства и експерти во областа на комуналната инфраструктура, сообраќајот, одржливиот развој, заштитата на животната средина, социјалната заштита, културата, спортот и во сите други области коишто се од значење и во интерес на двата града.

Исто така, ќе разменуваат искуства и примери на добри практики поврзани со европската интеграција, ќе разменуваат информации за проекти и ќе соработуваат во реализацијата на проектите од заеднички интерес.

– Ми претставува особена чест што денеска го потпишавме овој договор за соработка, односно договор за збратимување, како еден од највисоките документи за соработка меѓу два града. Ова збратимување има големо значење за Скопје зашто ние доаѓаме од две соседни земји кои негуваат одлична соработка. Нашата соработка за нас ќе значи и побрзо приближување до Европската унија, како и размена на искуства во повеќе области – изјави Трајановски.

Градоначалникот на Тирана, истакна дека со задоволство очекува размена на искуства за работењето на Град Скопје, за успешното функционирање на јавните претпријатија, за сообраќајните решенија и за менаџирањето со кризните ситуации.

Соработката на Скопје и Тирана датира од 1996 година. Оттогаш се реализирани неколку возвратни посети, а особено е интензивна соработката на полето на културата, уметноста, образованието и спортот.

Градот Скопје е збратимен со вкупно 19 градови, а има воспоставено пријателски односи и соработува со над 50 градови од светот.

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e