СЈО може да ги приведува лицата кои не се јавуваат

Специјалното јавно обвинителство ќе ги употреби сите расположливи законски механизми за да осигура дека поканетите на распит навистина ќе се појават пред истражителите. Од тимот на Катица Јанева потврдуваат дека едно од средствата е да побараат и приведување на странките. – објави телевизија 24 Вести.

СЈО ќе постапи согласно Законот за кривична постапка, и ќе бидете известени доколку биде побарано присилно доведување. Предуслов е лицата да бидат уредно известени и да го немаат оправдано отсуството во смисла на ЗКП. Во овој момент не можеме да прејудицираме кои би биле нашите идни конкретни активност, освен дека сето постапување ќе биде во рамки на законот како и досега.

Според Законот за кривична постапка, приведување на странката може да се побара во четири случаи:

Ако постојат основи за притвор кој е неопходен за непречено водење на кривичната постапка

Ако веќе е донесено решение за притвор

Доколку уредно повиканиот обвинет не дојде, а својот изостанок не го оправда

Доколку не можело да се изврши уредно доставување на поканата, а од околностите очигледно произлегува дека обвинетиот го одбегнува приемот на поканата

Пред дваесетина дена од СЈО најавија зголемена фреквенција на распити на функционери, а Јанева вчера без да наведе имиња, кусо порача дека неделава се очекува пред истражителите да се најдат оние кои биле повикани, но досега не се појавиле. Еден од функционерите кој добил покана но не се појавил во СЈО, е екс-министерот за финансии Зоран Ставрески, кој наводно до Јанева испратил известување дека е на боледување. Во дел од медиумите се шпекулираше дека тој не е во земјава, но тоа беше демантирано од самиот Ставрески. Тој е еден од бројните поранешни и сегашни политички функционери и челници кои треба да дадат исказ пред специјалните обвинители. Околу нивните имиња, својства и предмети за кои се повикани наголемо се шпекулира и нагаѓа, но одговорот од СЈО веќе три седмици е истиот – во интерес на истрагите детали не се откриваат.

Вчера пред тимот на Јанева се најдоа бизнис-моќникот Орце Камчев и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која накратко изјави дека била повикана како сведок. По најавите за помасовни распити, во СЈО се појавија лидерот на ДПА, Мендух Тачи, Силвана Бонева која е член на ДИК од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, првиот човек на ПЦЕР Самка Ибраимовски и Арифхикмет Џемаили, кој како кадар на ДПА беше министер за култура од 2006 до 2008. Во СЈО се појавија и градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, екс-министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски, поранешен прв човек на кабинетот на Сашо Мијалков. Жерновски беше испрашуван за “Скопје 2014“ и демолирањето на општината, додека Јанкулоска побара увид во доказите, а осомничена е во предметите “Титаник“ и “Тврдина“

Извор: 24 Вести

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e