Што точно се случи на Кајмакчалан?

Македонија и граѓаните на Воден, соседна Грција, особено во местото Лутраки се во шок. Сите едноставно не можат да веруваат во тоа што се случи и како дојде до оваа трагедија. Кога го посетивме Лутраки, веднаш по информациите за исчезнувањето на двајцата македонски планинари, Митре, сопственикот на ресторанот „Кај Митре“ задушувајќи се во солзи ни рече дека тоа е голема трагедија.

– Тој ден имаше големо невреме. Дуваше силен ветер, а и беше многу студено. На тој дел од Кајмакчалан, каде што се изгубија двајцата планинари, постојано има такви витли што тешко можат да ги совладаат и тие што најдобро ја знаат оваа планина. Како се решија по такво невреме да се искачат на Кајмакчалан групата планинари не знам. Но доколку мене ме прашаа јас ќе им забранев да се искачуваат – ни вели Митре од Лутраки.

Во саботата на Кајмакчалан се загубија два млади живота, загинаа двајца искусни планинари и големи вљубеници во планината, младата Калина и Александар. Откако Калина и Александар од своите мобилни телефони побараа помош, во нивното спасување тргнаа грчките спасувачки екипи. За исчезнувањето на Калина и на Александар беа известени и македонските власти. Подоцна, кога беа лоцирани каде се наoѓаат тие тргна потрагата по нив, но поради невремето таа мораше да биде прекината. Наредниот ден од страна на противпожарната единица на Воден беа извлечени нивните смрзнати тела, кои подоцна беа предадени во болницата во Јаница, а наредниот ден беа префрлени во Солун на обдукција. ,,Планината нѐ прави среќни, ни ги трга секојдневните грижи, прави да се чувствуваме убаво, ни буди најубави емоции. Сепак, не смееме да заборавиме на нејзината моќ, на нејзината големина и никако не смееме да ѝ водиме инает“, напиша младата Калина пред неколку години во својот дневник. Како се случи Калина и Александар да се загубат на Кајмакчалан знаат само тие двајцата. Вистината за нивното исчезнување ја однесоа со себе.
Од планинарскиот клуб „Трансверзалец“ не сакаат да излегуваат во јавноста со детали за тоа како се случи трагедијата. Некои од групата велат дека покрај водачот на експедицијата, наводно и Калина, како искусна планинарка била втора водичка на групата и затоа била последна и имала со себе радиостаница. Во еден момент поради невремето било предложено експедицијата да се врати назад. За таквата одлука по воки-токи била известена и Калина, која почнала да ги известува планинарите од крајот на колоната, па нанапред, за промената на планот, за да се вратат назад во Лутраки. Според информациите со кои располагаа локалните жители од Лутраки, а кои не беа потврдени од надлежните служби за потрага и спасување, во еден момент таа и Александар наводно се одвоиле од групата, но само за да спасат некоја жена што заостанала. Тоа е моментот по што им се губат трагите.

 

Текстот на Менде Младеновски објавен во Нова Македонија во целост прочитајте го тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e