Шахпаска: Родова еднаквост е еднаква видливост, еднакво вреднување за вложениот труд и еднакво учество на жените во сите сфери

Родовата еднаквост претставува еднаква видливост, еднакво вреднување за вложениот труд на жените кога имаат исти професионални квалификации и капацитет со мажите за истите работни места. Законот за родова еднаквост треба да испорача еднакво учество на жените во сите сфери на општествениот живот и рамноправно учество во семејството, креираањето политики и особено родово одговорно буџетирање, нагласи министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на 12-тото издание на „Вечери на женски права“ во организација на Институт за човекови права.

Таа додаде дека останува и Законот за мобинг, на кој работната група работи. Со тоа се заокружува законската регулатива на прашањата кои се однесуваат пред се на жените.

– Кругот на жени се проширува, бројот на жени кои што се подготвени да го кренат својот глас и да испорачаат правда во општеството и во родовата еднаквост секој ден станува се поголем и поголем, нагласи министерката.

Притоа се осврна на веќе донесените закони како Законот за прекин на бременоста, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, последните донесени со силна поддршка и од опозицијата и власта.

Шахпаска информираше дека Министерството за труд и социјална политика има подготвено драфт верзија на Закон за родова еднаквост која ќе биде испратена до Советот на Европа, Венецијанската комисија,ОБСЕ и делегацијата на Европската Комисија во нашата земја за првични коментари, а конечната верзија ќе биде испратена до јавноста за широка дебата.

Таа се осврна и на периодот на пандемија, за кој кажа дека како Влада и ресорно Министерство фокусот им бил ставен на два клучни приоритети: зачувавање на секое работно место и адресирање на проблемите на ранливите категории на граѓани.

Притоа ја посочи храброста и свесноста на жените и нивната подготвеност да одговорат на предизвиците кои ги донесе пандемијата.

– 74 отсто здравствени работници, жени беа на фронтот со КОВИД 19, но и исто така и текстилните работнички и жените кои работат во трговијата. Сите тие свесни и одговорни за ризикот од пандемијата на кој се изложуваат, но храбри да се соочат и да се носат со неа, потенцираше Шахпаска.

Таа порача дека борбата за родова еднаквост, за еднаква плата за еднакво вложен труд, за рамноправно учество на жените во општеството е високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика и е нешто на кое интезивно ќе се работи периодот што доаѓа.​

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e